Admir Fazlagic
05 Септември 2018•Ажурирај: 06 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вечерва пристигна на аеродромот во Скопје каде што беше пречекан од министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, јавува Anadolu Agency (AA).
Средбите на Столтенберг со високите официјални претставници на Македонија почнуваат утре.
Според агендата, генералниот секретар на НАТО најпрвин ќе се состане со претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, а потоа со претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.
Прес-службата на Владата на Република Македонија соопшти дека Столтенберг утре ќе се состане со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, а потоа и со министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, како и со други високи официјални претставници.
Средбата со премиерот Заев, предвидено е да се одржи утре во Клубот на пратеници, по што е предвидена и заедничка прес-конференција.
Според утрешната агенда, покрај останатите активности и средби, генералниот секретар ќе го посети и Стајковци каде што во 2016 година, војници и опрема на НАТО беа ангажирани за надминување на последиците од поплавата. Столтенберг ќе ја посети и касарната „Илинден“ каде што ќе присуствува на показна вежба на припадниците на специјалните сили.
Во касарната „Илинден“ во Скопје предвидени се изјави за медиумите од Столтенебрег и Шекеринска.
Исто така, во пресрет на референдумот закажан за 30 септември оваа година, во Скопје неделава доаѓаат и канцеларите на Германија и на Австрија, Ангела Меркел и Себастијан Курц.