05 Септември 2018•Ажурирај: 06 Септември 2018
ПРИШТИНА/БЕЛГРАД (AA) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, денеска повтори дека тој не ја застапува идејата за поделби или размена на територии помеѓу Косово и Србија, ниту формирање на Република Српска на Косово, но дека тежнее кон конечен договор со Србија кој може да опфати и корекција на границата. Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ ги обвини претставниците на Приштина дека не сакаат да преговараат за суштински прашања, јавува Anadolu Agency (AA).
На тркалезната маса на тема „Што значи корекција на границите помеѓу Косово и Србија“, која со претседателот Тачи и со припадниците на цивилното општество ја организираше Косовскиот демократски институт, Тачи рече дека постигнувањето конечен мировен договор со Србија значи и демаркација на границата долга околу 400 километри, и дека тоа е шанса да се бара припојување кон Косово на општините од југот на Србија, Прешево, Медвеѓа и Бујановац, во кои живее албанско население.
Меѓутоа, според неговите зборови, тоа не значи одвојување на Митровица или езерото Газивода од Косово, ниту дека Заедницата на српски општини ќе има извршни овластувања.
„Јас сѐ уште повеќе слушам во Приштина за поделба на Косово, отколку што некогаш сум го слушнал тоа официјално од Србија. Мене тоа не ми е понудено ниту на еден состанок, ниту на некој форум. Значи, не говорам за поделба, не говорам за размена, не дозволувам Република Српска, но за постигнување конечен договор Косово - Србија, ние треба да го затвориме прашањето за границата, односно демаркацијата“, рече Тачи.
Тој наведе дека Албанците никогаш низ историјата немале можност да се изјаснат за границите, туку дека на просторот на Балканот секогаш живееле во рамките на наметнатите административни граници, дека ова е можност да се тргне напред и да се преговара за демаркација на границата со Србија, како и тоа дека самите граѓани на Косово, на крајот, по пат на референдум ќе се изјаснат дали се за договор или не. Тачи нагласи и дека без сомнеж ниту Косово, ниту Србија не можат да влезат во Европската Унија.
„За мене лично, ниту како за претседател, ниту како за граѓанин, не е доволно да бидеме слободни и независни, нашето ангажирање се завршува кога ќе постигнеме да бидеме дел од НАТО и ЕУ. Како ние можеме да ја убедиме Русија да го укине ветото за зачленување на Косово во Обединетите нации без договор помеѓу Косово и Србија?“, рече Тачи, и додаде дека истото важи и за признавањето на Косово од страна на Србија или за признавањето на Косово од преостанатите пет членки на ЕУ кои тоа сѐ уште не го направиле.
Косовскиот претседател изјави и дека Косово и Србија сѐ уште се далеку од договор, дека постигнувањето на договорот ќе оди тешко, но дека никој не треба да биде загрижен во врска со постигнување договор кој има за цел стабилност и мир во регионот.
Порача дека граѓаните на Косово треба да веруваат дека само договор со Србија води кон зачленување во НАТО и во ЕУ, и дека на меѓународната политичка сцена сега е вистински момент за постигнување договор, посебно по историскиот Договор помеѓу Македонија и Грција.
Исто така тој истакна дека Косово тежнее кон конечен, кој значи двострано признавање на Косово и Србија, а не минлив договор, но додаде и дека Косово ќе ја сочува својата мултиетничност. Истакна и дека нема временски рок за постигнување договор, но дека постои стремеж да се постигне до првата половина од наредната година, пред изборите во ЕУ.
- Вучиќ: „Приштина не сака разговор ниту за едно суштинско прашање"
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска, во пресрет на претстојниот дијалог во Брисел кој ќе се одржи на 7 септември, изјави дека претставниците на Приштина не сакаат да разговараат ниту за едно прашање од суштинско значење.
„Гледам дека албанските функционери од Косово не сакаат да разговараат ниту за Заедницата на српските општини, ниту за Северот, ниту за Газивода... Изгледа дека не сакаат да говорат за ништо од суштинско значење“, рече претседателот Вучиќ во својот одговор на прашањето на новинската агенција „Танјуг“, за тоа како гледа на најновите изјави на Хашим Тачи и Рамуш Харадинај за тоа што за нив не е предмет на разговори.
Вучиќ рече дека „Србија нема време за губење и дека сака да разговара за сите теми кои се важни за Србите и за Албанците“.
Истакна дека е време Белград и Приштина да преземат одговорност.
„Време е ние да одлучуваме за својата судбина, а не да ни ја крои некој од страна“, порача Вучиќ.