СКОПЈЕ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по денешната средба со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, порача дека земјата има историска можност да стане членка на НАТО и на Европската Унија, но за да го направи тоа, мора да се согласи со Договорот за името, бидејќи, како што рече, нема друг пат за зачленување во НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска во Клубот на пратеници во Скопје се состана со премиерот на Република Макеоднија, Зоран Заев, а по средбата беше организирана заедничка прес-конференција.
„Ова е историска можност за оваа земја. Се работи за неповторлива можност да станете целосна членка на меѓународната заедница. Да станете членка на Европската Унија и на НАТО, но за да го направите тоа, морате да се согласите со Договорот за името. Нема друг пат за зачленување во НАТО“, истакна Столтенберг, и додаде:
„Јас разбирам дека некои во земјата мислат дека можат да кажат „не“ на референдумот, а да кажат „да“ за членство во НАТО. Меѓутоа, не постои таква алтернатива. Идејата дека можете да го отфрлите Договорот со Грција и да се зачлените во НАТО е целосна илузија“, порача Столтенберг.

Првиот човек на НАТО истакна дека во месец јули оваа година, Алијансата ја поканила земјата да започне разговори за зачленување, откако бил постигнат договор за решавање на спорот за името со Грција, откако, како што рече, двете страни направиле компромис за една посветла иднина.
„За неколку седмици имате референдум за Договорот за името. Ги охрабрувам гласачите да се појават во голем број, ова е можност која се јавува еднаш во животот - да станете членка на меѓународната заедница со сите придобовки кои тоа ги носи со себе“, истакна Столтенберг.
Според неговите зборови, вратата на НАТО е отворена, членството е на дофат и претставува можност да се зајакне мирот и стабилноста, како во земјата, така и во регионот.
Генералниот секретар на НАТО додаде дека „НАТО ги чува безбедни една милијарда луѓе во светот“, како и тоа дека безбедноста носи економски просперитет, посочувајќи дека тоа го покажува и примерот со Црна Гора, чии инвестиции двојно се зголемиле.
Исто така, тој изрази благодарност за придонесот на Македонија кон операциите и мисиите на НАТО, истакнувајќи дека сака да ја види земјата како успешна.
„Само народот на оваа земја треба да одлучи да го изоди овој пат - вашата иднина е во ваши раце, додека ние ве чекаме во НАТО“, рече Столтенберг.
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, упати благодарност до генералниот секретар на НАТО за, како што рече, личниот ангажман на Столтенберг во промовирањето на партнеството и соработката меѓу НАТО и Македонија. Посочи дека граѓаните на Македонија засекогаш ќе запаметат дека историската одлука за иднината на земјата ја потпишал лично генералниот секретар на НАТО, на Самитот во јули во Брисел.
„Со овој голем гест, НАТО го поттикна и го забрза процесот на интеграција на РМ во НАТО, и со тоа го зајакна чувството за припадност на нашата земја кон најмоќната безбедносна организација во светот“,истакна Заев.
Тој нагласи дека поканата влијае на внатрешната кохезија на Македонија и ја промовира како пример на Западен Балкан за силно лидерство.
Премиерот на Република Македонија информираше дека Владата на Република Македонија подготвува план за имплементација на реформите, во согласност со Програмата на НАТО, со посебен акцент на владеење на правото. Според неговите зборови, НАТО и ЕУ се стратешка определба на Македонија и од тоа нема отстапување.
„Референдумот на 30 септември ќе биде уште еден важен предизвик. Ние сме на историски крстопат за нашата иднина и убеден сум дека граѓаните ќе ја препознаат важноста на моментот за перспективите за нашата земја. Очекувам дека релевантните политички партнери, особено опозицијата, ќе покажат единство и ќе се вклучат во процесите. Интеграцијата во ЕУ и во НАТО се наши национални стратешки приоритети“, порача Заев.
Додаде дека е убеден дека референдумот ќе биде успешен и ќе се постигне потребниот цензус, како и тоа дека ќе се продолжи успешно со уставните измени, без одложување. Премиерот Заев изрази очекување дека процесот ќе биде завршен навреме за, како што рече, Протоколот за пристапување во НАТО, да биде потпишан на почетокот на 2019 година и да може земјите членки во НАТО да го започнат процесот на ратификација.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претходно денеска се состана со претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, со претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, со министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
news_share_descriptionsubscription_contact
