Zeynep Duyar
18 Септември 2026•Ажурирано: 18 Септември 2026
77. Меѓународен астронаутички конгрес (IAC 2026), што ќе се одржи од 5 до 9 октомври во турскиот медитерански туристички град Анталија, веќе постави рекорди во бројот на научни трудови и пријавени учесници во рана фаза, јавува Анадолу.
Маскотата на настанот, карета-карета желката Тиркиз, ќе ги пречека гостите во Конгресниот центар „НЕСТ“, каде што се очекува да присуствуваат повеќе од 10.000 учесници од над 100 земји.
Конгресот, што се организира секоја година од страна на Меѓународната астронаутичка федерација, ќе биде координиран од Министерството за индустрија и технологија на Турција, а домаќин ќе биде Турската вселенска агенција. Коорганизатор е САХА Истанбул, најголемиот кластер на одбранбената, воздухопловната и вселенската индустрија во Турција и Европа. Анадолу е глобален комуникациски партнер на настанот.
Организаторите на Меѓународниот астронаутички конгрес добија 8.330 научноистражувачки апстракти од 108 земји, со што се поставени рекорди и во бројот на пријавени трудови и во бројот на земји учеснички.
Бројката е поголема од приближно 7.000 апстракти поднесени за Конгресот во 2024 година во Милано и 6.400 апстракти поднесени за Конгресот во 2025 година во Сиднеј.
Турција учествуваше со 1.810 апстракти, што е најголем број поднесени од една земја во историјата на Меѓународниот астронаутички конгрес. Турските истражувачи исто така имаа најголем број прифатени трудови – 674.
По евалуацијата, 4.077 истражувања беа директно прифатени, додека 542 беа ставени на листа на чекање. На Конгресот ќе бидат одржани повеќе од 4.000 презентации во над 180 технички сесии.
Конгресот досега има добиено и повеќе од 3.000 рани пријави од 83 земји, со што е поставен рекорд и во бројот на рани регистрации.
Активностите за промоција на Конгресот на универзитетите, Турскиот настан за набљудување на небото и ТЕКНОФЕСТ ги поттикнаа студентите, академиците и истражувачите од целата земја да ги пријават своите трудови на Конгресот.