Admir Fazlagic
17 Април 2017•Ажурирај: 18 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - По петдневна пауза, Собранието на Република Македонија утре треба да ја продолжи конститутивната седница на која се расправа за избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во досегашниот тек од расправата во Собранието, со реплики се јавуваат пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои бараат СДСМ (Социјалдемократскиот сојуз на Македонија) да се откаже од платформата на албанските политички партии, односно според нив, тоа е клучот за излез од политичката криза или да се распишат предвремени парламентарни избори заедно со локалните.
Од СДСМ, пак, сметаат дека со расправата не се почитува собранискиот Деловник и дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дискутираат за теми што не се во допир со точката на дневниот ред. Тие побараа да се стави на гласање нивниот предлог – да се премине на новата точка, избор на претседател на Собранието.
Според досега договореното, во Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да членуваат шестмина претставници од ВМРО-ДПМНЕ и петмина од СДСМ, а ДУИ (Демократска унија за интеграција) и Движењето БЕСА да имаат по еден член.
Инаку, конститутивната собраниска седница започна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом.