Andelija Stojkovic
02 Март 2017•Ажурирај: 02 Март 2017
БЕЛГРАД (АА) - Пратеникот во српскиот Парламент и лидерот на Српската радикална партија (СРП), Воислав Шешељ, денес изјави дека нема да дозволи високата претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, да се обрати во српскиот Парламент, јавува Anadolu Agency (АА).
„СРП утре почнува кампања поради доаѓањето на Федерика Могерини во Собранието. Федерика Могерини е непожелна во Собранието и ние својот револт и протест кон ЕУ ќе го покажеме во собраниската сала“, изјави Шешељ на новинарите во Собранието.
Тој додаде дека протестот ќе биде вербален, дека нема, како што изјави, физички да биде нападната, но дека нема да ѝ се дозволи да зборува. „Ние сме против насилството, знаете“, рече Шешељ.
Федерика Могерини утре ќе допатува во посета на Србија во рамките на турнејата низ регионот на Западен Балкан, и во план е да има обраќање пред пратениците во Собранието на Србија.
Шешељ и СРП кон крајот на минатата година не му дозволија на шефот на делегацијата на Европскатав Унија, Мајкл Девенпорт да го претстави извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија во процесот на придружување кон ЕУ.
Тие тогаш бараа Девенпорт да седи во галеријата за гости и не дозволија негово обраќање, велејќи дека Србија не е членка на Унијата, а Девенпорт не може да говори како претставник на државата.