Dejan Maksimoviç
17 Јануари 2016•Ажурирај: 18 Јануари 2016
ВИЕНА (АА) - Фредерика Могерини, високата претставничка на Европската унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, воедно и претседателка на Европската комисијa, соопшти дека ЕУ ќе ги укине економските и финансиски санкции кон Иран. Оваа одлука уследи откако Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) во својот извештај наведе дека Иран ги исполнил своите обврски од нуклеарниот договор кој беше постигнат летото минатата година, помеѓу Иран и шесте светски сили, јавува Anadolu Agency (AA).
Претходно истата одлука за симнување на санкциите на Иран од страна на САД ја објави и американскиот државен секретар Џон Кери.
"Мултинационалните економски и финансиски санкции кои се однесуваа на иранската нуклеарна програма се укинуваат. Овој историски договор е исклучително цврст и фер и ги задоволува барањата на сите заинтересирани страни. Ќе послужи во напредокот на регионалниот и меѓународниот мир, безбедноста и стабилноста", рече Фредерика Могерини.
Иран во јули, минатата година, постигна нуклеарен договор со шестте светски сили, според кој сите ирански нуклеарни активности ќе ги стави под надзор на Агенцијата во следните 15 години.
Исто така, Иран вети дека ќе ги сопре сите програми кои развиваат нуклеарно вооружување во замена за укинување на економските санкции.
Доколку Иран, на било каков начин го прекрши договорот, санкциите повторно ќе стапат на сила.