СКОПЈЕ (АА) - Во Собранието на Северна Македонија започна седницата со единствена точна на дневен ред, „Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија“, јавува Анадолу.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во своето обраќање пред пратениците во Собранието нагласи дека предлогот е резултат на повеќемесечна целосно отворена, транспарентна, експертска и политичка дебата.
Според него, предлогот за измена на Уставот има единствена релација и мотив, и тоа влез во Европската Унија, што е барање и очекување на огромното мнозинство граѓани.
„Предлогот е наш, македонски, базиран на европскиот предлог и договор од 2022 година, со кој државата после долги години чекање конечно ги отвори преговорите за членство“, рече Ковачевски, отфрлајќи ги лажните тези дека има диктат.

Ковачевски увери дека уставните измени не загрозуваат ни едно македонско идентитетско прашање.
„Со усвојување на Предлогот, да донесеме одлука не да стоиме во место, не да каскаме, не да чекаме повторно, туку да чекориме во полноправно членство во Европската Унија и да ја оствариме поставената цел за полноправно членство во 2030 година“, додаде Ковачевски, потсетувајќи дека за прв пат беше потпишан договор на македонски јазик со ЕУ, односно со Фронтекс.
Говорејќи за предлогот што треба да се гласа во Собранието, Ковачевски рече дека предложените интервенции во Уставот се однесуваат единствено на додавање делови од народи во Преамбулата и во членовите 49 и 78 од Уставот.
Тој објасни дека во делот којшто вели: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ“, ќе се додадат „бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ“.
Ковачевски во врска со скрининг-процесот којшто се реализира во Европската комисија истакна дека „овој процес тече на македонски јазик и тоа многу успешно“.
„Ние мораме да продолжиме и понатаму, да ги отвораме и затвораме поглавјата, едно по едно. Тој процес е најмалку административен, тој процес е суштински затоа што треба да нѐ промени, да нѐ трансформира, да нѐ направи поуспешни. Тоа е наша одлука, наша потреба и за тоа одлучуваме ние во Скопје, а не во Брисел, а најмалку во Софија“, нагласи Ковачевски, наведувајќи дека нема да има нови барања и дека билатералните прашања не претставуваат пречка.
Додека Ковачевски го одржуваше своето обраќање, дел од пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата.
По говорот на премиерот говореа независни пратеници од различни партии.
Според прописот на Собранието расправата трае најмногу 10 дена.
- Процесот на уставни измени -
Одлуката за пристапување кон измена на Уставот ја усвојува Собранието со мнозинство од две третини од вкупниот број пратеници или 80 гласа од вкупно 120 пратеници.
Доколку Собранието ја изгласа одлуката за пристапување кон измена на Уставот, иницијативата се враќа во Владата, која мора да го подготви текстот на нацрт-амандманите со образложение.
Подготвениот текст потоа се испраќа до претседателот на Собранието, кој го проследува до пратениците и претседателот на државата најдоцна 30 дена пред седницата на Собранието.
Предлогот за уставни измени предвидува измени во Преамбулата на Уставот и споменување на бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.
Потсетуваме, претседателот на Собранието, Талат Џафери, на 19 јули го прифати и веднаш го испрати предлогот до пратениците во Собранието, додека на 25 јули Комисијата за уставни прашања го поддржа предлогот за почеток на измена на Уставот.