Ivana Ramadanova
11 Август 2016•Ажурирај: 12 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Поплавени домови, блокирани улици, скршени дрвја, урнати куќи. Вака изгледаше сликата ден по саботната вечер во која пороен дожд поплави дел од Скопје и околните места. За жал, освен материјалната штета што остана зад саботната ноќ, невремето однесе и човечки жртви.
Агенција Анадолија разговара со Универзитетскиот професор и експерт за ерозија, Александар Трендафилов, кој по големото невреме направил реконструкција на поплавата. Од него побаравме одговор: зошто и како дојде до поплавување на трите точки – Стајковци, Арачиново и Ченто.
Според Трендафилов, првенствено ова се природни појави, но нарушувањето во атмосферата повторно го направи човекот.
„Ова подрачје се смета за сливно ридско-планинско подрачје, без шумска вегетација. Тоа значи дека доколку врнежите траат долго, почвата се подготвува да ги апсорбира врнежите. Овде немавме таква можност бидејќи таму нема ни почва, има целосно обесшумено сливно подрачје кое предизвика максимално истекување. Тоа значи дека обесшуменоста доведе до брза концентрација на овие води. Едноставно, потребни се шуми коишто ќе можат да апсорбираат петпати повеќе вода, а ние во овој случај го немаме тоа“, вели Трендафилов.
Како втора причина поради која дојде до поплавување на скопскиот регион, професорот во разговор за АА ја споменува и обиколницата кај Стајковци.
„За жал, обиколницата во овој случај се јави како брана, или бариера. Прво со нејзините конструкции, во кои има сериозни пропусти. Од наш аспект, пред да се направи оваа обиколница било потребно да се направи студија што ќе ги анализира сите тие аспекти, од статистички податоци до податоци од УХМР. Затоа по ова, потребно е да се изнајде решение. Друг проблем е тоа што сите овие критични и поплавени точки завршуваат пред обиколницата како корито. Меѓутоа, во времето кога се правеле каналите за зафаќање на водите од поројните дождови од Скопска Црна Гора и кога е правен каналот за Скопско Поле, тие се дефинирани и правени за тие услови. Денеска овде немаме земјоделско земјиште, водите на времето се излевале во Скопско Поле, но денеска тоа е урбанизирано населено место", вели професор Трендафилов.
Тој додава дека ништо од ова не би се случило кога надлежните би се гржеле и би го одржувале системот од канали за одвод.
„Институциите се тие кои треба да донесат решение и законски регулативи. Тоа мора да се случи, а подоцна граѓаните ќе сфатат дека сето тоа е во нивна полза и нивна корист. Поплавените места се веќе урбанизирана средина којашто воопшто не одговара со инфраструктурата што во мометот ја има. Многу е важно стратешкото планирање кога се планираат населбите, а тоа значи да се има улици по стандарди и сѐ друго треба да биде според одредени стандарди", додава Трендафилов.
Двесет и двајца загинати, повредени и повеќемина исчезнати, меѓу кои е и 16-месечно бебе, е билансот од катастрофалните поплави коишто предизвикаа голема материјална штета, а голем број улици и булевари останаа непроодни.
По саботното невреме, Управата за хидрометеоролошки работи излезе со соопштение дека над небото над Скопје се случил природен феномен – водна бомба, кој придонел за катастрофата. За најкритични и најпогодени региони беа прогласени Гази Баба, селата Сингелиќ (Хасанбег), Стајковци, Црешево, Смилковци и околните села.
Обилниот дожд проследен со грмотевици и силен ветер започна околу 18 часот. Во текот на невремето, над главниот град беа регистрирани 800 грома, а за нешто повеќе од три часа наврнаа 93 литри дожд на квадратен метар.