БЕЛГРАД (АА) - Момчето К.К., кое е осомничено дека утринава пукало во Основното училиште „Владислав Рибникар“ на Врачар во Белград, каде што загинаа осум деца и чувар, според полицијата, го планирал смртоносниот напад веќе еден месец, јавува Анадолу.
Веселин Милиќ, началник на полициската управа во Белград, изјави дека утринава во 8 часот и 40 минути, по повик од помошник-директорот на училиштето, на местото на настанот биле пратени полициски патроли. Тој додаде дека во 08:42 часот полицијата ја повикало лице што се претставило со цело име и презиме и изјавило дека пукало во неколку лица.
„Кога полицијата пристигна на местото на настанот, беше утврдено дека осум ученици, седум девојчиња и едно момче, биле убиени со употреба на огнено оружје од гореспоменатото момче што ја повикало нашата служба за итна помош“, рече Милиќ.
Според неговите зборови, утврдено е дека најверојатно се лишени од живот: С.Н. (2009 година), П.А. (2011), А.Б. (2011), А.Д. (2009), К.М. (2010), М.А. (2009), Е.К. (2009), А.Ч. (2009), како и чуварот.
Тој додаде дека се повредени и шест ученици, четири момчиња и две девојчиња, како и наставничката С.Т.
„Поминаа дваесет и пет години откако воспоставив работен однос во МВР. Бев вклучен во илјадници истраги и извршени злосторства, трагедии. Ова никогаш нема да го заборавиме во српското општество и веројатно е прашање за целиот систем што е потребно да се подобри и да се направи“, нагласи Милиќ.
Според неговите зборови, К.К е лишен од слобода на самото место (2009), при што е пронајдено оружјето со кое е извршено кривичното дело.
Милиќ истакна дека ова „злосторство на еден начин било планирано и организирано месец дена“.
„Според досега собраните информации, детето К.К долго го планирало извршувањето на ова кривично дело. Мотивот сѐ уште не е утврден ниту, пак, нѐ известил“, рече Милиќ.
Според неговите зборови, момчето ја избрало училницата по историја бидејќи била во близина на влезот на училиштето, а неговото одделение го имало првиот час.
„Огненото оружје, пиштолот што досега е пронајден, калибар 9 милиметри со три рамки, како и малокалибарски пиштол, го зел од станот, од неговиот татко, го оставил во торба каде што подготвил и зел четири молотови коктели“, изјави началникот на белградската полиција.
Тој појасни дека при доаѓањето во училиштето веднаш извадил пиштол, пукал во чуварот Д.В., дежурната ученичка и ученичката што стоела во нејзина близина и уште една ученичка кој била покрај клавирот.
„Потоа продолжил по ходникот до училницата по историја, каде што попатно ја сменил рамката, влегол во училницата и веднаш пукал од вратата кон наставничката и другите ученици“, Милиќ ги откри до сега моментално познатите детали.
Тој додаде дека ученикот потоа излегол од училницата, отишол во дворот, каде што ја извадил рамката од оружјето, ја фрлил покрај скалите и повикал полиција.
Милиќ рече и дека самиот напаѓач изјавил дека планирал да го изврши ова злосторство, а доказ за тоа е и фактот што имал список со деца што планирал да ги ликвидира.
„Сам го изработил планот за влез и излез од училиштето, кој беше пронајден на неговата работна маса и ги одредил приоритетните цели“, рече Милиќ покажувајќи ја скицата и додаде дека детално по класови планирал како да влезе и по кој број по одделенијата да ги ликвидира децата.
Одговарајќи на прашањата на новинарите, тој изјави дека К.К. бил примерен ученик и пријател и немало никакви проблеми и тешкотии што би укажале на такво зло.
- Тридневна жалост
„Владата донесе одлука за тридневна жалост на целата територија на Република Србија, почнувајќи од петок 5 мај до недела 7 мај, а поради овој трагичен настан што се случи утринава, наставата ќе биде прекината денес во попладневната смена, односно нема да биде одржана. Од утре наставата започнува со едноминутно молчење“, изјави министерот за образование на Република Србија, Бранко Ружиќ, на вонредна прес-конференција по повод трагедијата што се случи во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград.
Според неговите зборови, во моментот на пукањето постоел безбедносниот прстен стандардизиран за училиштата, функционирал видеонадзор, присуствувал и припадник на обезбедувањето, како и училиштен полицаец кој бил во редовна обиколка на училишната зграда.
„Шест деца се хоспитализирани и еден наставник. Благодарен сум за храброста на наставниците и на сите што беа присутни во училиштето и кои се обидоа да ја спречат оваа трагедија“, изјави Ружиќ.
Тој додаде дека е невозможно да се замисли како им било на децата што доживеале страв.
„Србија, исто така, за жал, е дел од светот каде што вакви работи се случуваат сè почесто. Канцерогеното, погубно влијание на интернетот, видеоигрите, таканаречените западни вредности е очигледно и јасно ми е на сите нас дека е потребен голем пресврт, заострување на мерките, но и системско изнаоѓање решение“, рече Ружиќ.
Тој посочи дека е одржан разговор со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.
Тој апелираше да им се овозможи на семејствата на починатите на мир да ги пречекаат своите најблиски.
- Здравствената состојба на повредените
Министерката за здравство на Република Србија, Даница Грујичиќ, зборувајќи за здравствената состојба на повредените, рече дека тројца ученици се хоспитализирани во Тиршова и три деца и една наставничка во Ургентниот центар.
„Двете момчиња што се сместени во Тиршова, за среќа, имаат повреди само на долните екстремитети, нозете и се стабилни, надвор од животна опасност. За жал, третото девојче се здобило со прострелна рана во главата и е критично. Извршена е операција, сѐ што можеше да се направи, штетата е голема и сѐ уште се борат за нејзиниот живот“, изјави Грујичиќ.
Таа додаде дека девојчето со повреда на стомакот и рацете е стабилно во Ургентниот центар, а момчето со повреда на ногата е во ортопедската соба.
„Момчето што беше застрелано во градниот кош и вратот има повреда на 'рбетот и е едно од најтешко повредените. Операцијата сѐ уште е во тек“, рече министерот за здравство и додаде дека ќе треба да се направат повеќе интервенции.
Според нејзините зборови, наставничката има повреда на карлицата и рацете и моментално е во операциона сала во животозагрозувачка состојба.
„Со 40-годишен работен стаж во здравството и деведесеттите кога видовме секакви повреди, ова е можеби моето најстрашно искуство и како лекар и како човек. Она што ни останува е само да им посакаме на овие деца и нивната учителка да закрепнат“, нагласи Грујичиќ.
Таа додаде дека Институтот за ментално здравје ќе организира два телефона за сите што чувствуваат потреба од психолошка поддршка.
„Соодветните институции ќе одлучат за понатамошна здравствена заштита на момчето што го направи сето ова“, изјави Грујичиќ.
На почетокот на конференцијата со едноминутно молчење им се оддаде почит на сите жртви од трагичниот настан во Белград.