Aziz Ahmadi
09 Октомври 2026•Ажурирано: 09 Октомври 2026
Јеменските Хуси денес обвинија дека саудиски авион извршил воздушни напади врз јеменскиот главен град Сана и провинциите Таиз и Хаџа, во кои се водат интензивни борби, јавува Анадолу.
Новинската агенција Саба, која е под контрола на Хусите, објави дека авионот ја гаѓал Сана, која е под контрола на групата.
Во друго известување агенцијата цитираше неименуван локален извор, според кој, авионот извршил и два воздушни напада врз областа Харад во западната провинција Хаџа.
Серија воздушни напади биле насочени кон областите Ал-Зукаира, Ал-Масахин и Ал-Заазија во областа Ал-Шамајатајн, во провинцијата Таиз, според наводите.
Нападите биле извршени вчера и денес.
Саудиските власти и меѓународно признатата Влада на Јемен засега не ги коментираа овие наводите.
– Интензивирање на борбите –
Вчера ситуацијата во Јемен и Саудиска Арабија ескалира со низа воени случувања.
Меѓу нив беа ракетните напади на Хусите врз саудиски аеродроми и воени објекти, како и пресретнувањето на три балистички ракети од страна на коалицијата предводена од Саудиска Арабија.
Овие настани се совпаднаа со соопштението на јеменската армија дека спровела 1.729 операции против воени цели на групата во рамките на операцијата „Зора на Јемен“.
Локалните медиуми известија за воздушни напади врз позиции на Хусите во пет јеменски провинции.
Претседателот на Претседателскиот лидерски совет на Јемен, Рашад ал-Алими, го објави почетокот на операцијата „Зора на Јемен“, со цел „обновување на државните институции, ослободување на главниот град Сана и ставање крај на пучот на милициите на Хусите.
Најновите случувања се одвиваат во услови на воена ескалација што започна во јули 2026 година и се смета за најобемна од периодот на релативно затишје по прекинот на огнот што стапи на сила во април 2022 година.
Јемен е зафатен од војна откако Хусите во септември 2014 година ги презедоа главниот град Сана и неколку провинции. Коалицијата предводена од Саудиска Арабија интервенираше во март 2015 година во поддршка на јеменската Влада.
Владините сили и нивните сојузници ја контролираат привремената престолнина Аден на југот, како и источните провинции Ал-Махра и Хадрамаут, јужните провинции Шабва и Абјан, поголем дел од Лахџ, провинциите Таиз и Ал-Дале на југозапад, делови од централната провинција Мариб и области во северните провинции Ал-Џауф, Хаџа и Саада.