Ivana Ramadanova
20 Април 2016•Ажурирај: 21 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Илјадници граѓани денеска по осми пат излегоа да протестираат во центарот на Скопје по одлуката за аболиција на претседателот Ѓорге Иванов, јавува Anadolu Agency (AA).
Собирот започна пред зградата каде што е сместено Специјалното јавно обвинителство, по што мирно продолжи низ центарот на градот сè до Собранието на Република Македонија. Граѓаните пред зградата на Законодавниот дом побараа повлекување на одлуката за аболиција на претседателот Ѓорге Иванов како и негова оставка.
Се бара и повлекување на одлуката за распишување на изборите, бидејќи како што велат организаторите, не треба да се оди на преговори во Виена, затоа што сите досегашни договори не биле почитувани од владејачката партија.
Колоната демонстранти од Собранието преку плоштадот Македонија продолжи кон Владата на Р. Македонија. По кратко задржување, преку булеварот Илинденска продолжија кон бараките на Град Скопје.
Голем број припадници на МВР ги чуваа просториите на Град Скопје. Демонстрантите фрлаа боја врз бараките од задната страна, со оглед на тоа што главниот приод кон градското Собрание беше блокиран од страна на полицијата.
Протести се одржуваат и во други градови низ Македонија.