Husameddin Gina
06 Септември 2018•Ажурирај: 07 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Денес во официјална посета на Република Македонија допатува министерот за надворешни и европски работи на Големото Војводство Луксембург, Жан Аселборн, јавува Anadolu Agency (AA).
Гостинот од Луксембург, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димиров.
За време на средбата меѓу Димитров и Аселборн, се разговараше за натамошниот развој на севкупната билатерална соработка меѓу двете земји, за надворешно-политичките приоритети на Република Македонија, како и за актуелните внатрешни состојби, со акцент на подготвителните активности за референдумот.
Исто така, на денешната средба двајцата министри ја потпишаа Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Големото Војводство Луксембург за размена и заемна заштита на класифицирани информации.
По тет-а-тет средбата, министрите Димитров и Аселборн одржаа заедничка прес-конференција.
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, истакна дека Луксембург е голем пријател на Македонија и се заблагодари на Жан Аселборн за неговата поддршка за Македонија за членството во Европската Унија.
„Би сакал да се заблагодарам на колегата од Луксембург за вниманието, мудроста, искуството кое очигледно ни треба нам тука, но и во регионот. Меѓутоа, и во Евопската Унија“, рече Димитров.

„Со Жан ова е трета билатерална средба во многу клучен период, во екот на кампањата за референдумот на 30 септември, кога ние и граѓаните ќе одлучиме Македонија да стане 30. членка на НАТО, со што ќе го отвориме европскиот пат за државата“, истакна Димитров.
- „Се работи за избор дали ќе се упатите кон иднината или ќе останете во минатото“ -
Министерот за надворешни и европски работи на Големото Војводство Луксембург, Жан Аселборн, не прес-конференцијата истакна дека посетата пред референдумот е од суштинска важност.
„Двајцата премиери (на Македонија и Грција) најдоа политичка волја да ја отворат вратата за вашата земја. Се работи за избор дали ќе се упатите во иднината или ќе останете во минатото“, истакна Аселборн.
Одговарајќи на новинарско прашање дали кога Луксембург би се нашол во ситуацијата на Македонија, за да го промени името, тој рече оти прашањето е сложено.
„Тука не станува збор само за името во вашиот случај, туку и за идентитетот на државата, на народот, и некогаш, за да се пронајде решение, патот е долг, но резултатот сега е веќе на масата. И кога јас би бил Македонец, би одговорил „да“ на ваквото решение“, рече Аселборн.
„Драги македонски граѓани, ве чекаме во ЕУ и НАТО“, порача Аселборн, зборувајќи на македонски јазик на крајот на прес-конференцијата.