АНКАРА (АА) - ЕРКАН АВЏИ - И покрај големото природно богатство што го поседува, Мозамбик сепак зазема место меѓу сиромашните земји во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Мозамбик се наоѓа во источниот дел од африканскиот континент, на север се граничи со Танзанија, Малави и со Замбија, на запад со Зимбабве, а на северозапад со Јужноафриканската Република (ЈАР) и со Свазиленд.
Главен град на Мозамбик е Мапуто. Бројот на жители е поголем од 25 милиони, а 99 отсто од населението го сочинуваат локални африкански племенски групи. Околу половина од населението го сочинуваат припадниците на локалното население Макуа, додека од останатото население, во преден план излегуваат припадниците на етничките локални групи Тонга, Шанган и Сена.
Како наследство од колонијализмот во Мозамбик останал португалскиот јазик, кој е официјален јазик во државата. Една четвртина од населението во Мозамбик зборува друг јазик, во државата во која во секојдневниот живот се користат околу 40 различни јазици и дијалекти.
Мозамбик е земја во која поголем дел од населението е христијанско, а 17 отсто од вкупното население се муслимани. Покрај големиот број жители во државата кои не се припадници на ниту една вера, постојат и лица што веруваат во анимизмот, т.е. дека секој предмет има сопствен дух.

- Со векови Мозамбик беше експлоатиран од страна на Португалија -
Португалците во 1498 го извршија првиот напад врз Мозамбик, кој во 1752 година стана колонијална земја.
Португалија секоја година извезувала тони слонова коска од Мозамбик. За потребата од работна сила за својата колонија Бразил во Јужна Америка, оваа земја ја започнала трговијата со робови од Мозамбик.
По соединувањето на организациите што се против колонијализмот на Португалија, својата тешка борба за независност ја започнаа во 1964 година, која заврши во 1975 година, по што Мозамбик ја извојува својата слобода.
Кусо време по добивањето на независноста, во Мозамбик настанаа крвави судири меѓу Ослободителниот фронт на Мозамбик и Националниот отпор на Мозамбик. Во граѓанската војна којашто траеше околу 15 години, животот го загубија повеќе од 1 милион лица, додека 1,7 милиони беа принудени да мигрираат во соседните земји.
- Претседателот на државата е истовремено и премиер на владата -
Со цел да се стави крај на војната, во 1990 година започнаа преговори и по две години беше постигнат договор. Со новиот Устав, од еднопартиски систем се премина во повеќепартиски демократски политички систем.
Мозамбик е поделен на 10 провинции, а раководен е според претседателски систем. И покрај тоа што во државата има премиер, политичката структура на претседателот му овозможува широки овластувања и тој истовремено е и премиер на владата. Според овој систем кој се нарекува полупретседателски, претседателот на државата може да биде на должност најмногу два мандата.
Земјата во моментов е раководена од страна на претседателот Фелипе Њуси, кој победи на изборите во 2014 година. Претседателот Њуси, кој е на власт откако доби повеќе од 50 отсто од гласовите на гласачите, фунцијата ја започна со положување заклетва во 2015 година. Карлос Агостињо до Росарио ја извршува функцијата премиер на Мозамбик од јануари 2015 година.
- Богати подземни ресурси -
Според податоците на ОН, Мозамбик, кој е една од слабо развиените земји во светот, стана земја во подем благодарение на стабилните реформи во економијата во последно време. Но кризата што минатата година го погоди Мозамбик поради надворешниот долг, од економски аспект, земјата повторно ја внесе во проблематичен период.
Според податоците на Светската банка, Мозамбик има бруто домашен производ од околу 15 милијарди долари и е меѓу земјите во развој на африканскиот континент.
На полето од индустријата, Мозамбик има особено голем увоз на полето за основни потреби. Минатата година беше остварен увоз од околу 5,1 милијарда долари, а вкупниот минатогодишен извоз на државата изнесуваше 3,1 милијарда долари.
Мозамбик има годишна инфлација од 17 отсто, а 80 отсто од работната сила во земјата е ангажирана во земјоделскиот сектор, додека во индустријата се вработени 6 отсто. Во секторот за услуги работат 13 отсто.
Во Мозамбик се користат само 16 отсто од пространите и плодни полиња. Тутун, шеќерна трска, чај и тропски овошја се главните земјоделски производи. Рибарството и морските плодови се еден од изворите на приходи на земјата, но природните катастрофи во последните години, како што се поплавите и сушите, се причина за значително намалување на земјоделското производство, што создаде проблем со обезбедувањето храна за околу 1,5 милиони лица.
Според податоците на Американската администрација за енергетски информации (ЕИА), Мозамбик е многу богата од аспект на природните богатства. На северот од земјата, во Кабо Делгадо, во подрачјето на сливот на реката Рувума се откриени 100 трилиони кубни метри природен гас. По Нигерија и Алжир, Мозамбик е трета земја во Африка според природните резерви. Во моментов земјата има проблем со користењето на овие резерви и со нивното пласирање во странство. Во 2014 година, Мозамбик успеа да произведе 198 милијарди кубни метри природен гас, од кој најголем дел го продаде во Јужна Африка.
Во централните делови на Мозамбик, во подрачјето на Тете се откриени резерви на јаглен од околу 28 милијарди тони. Мозамбик на среден рок планира годишно да врши ископ на околу 20 милиони тони јаглен, со цел во наредните неколку години капацитетот на извозот на јаглен да се искачи на 100 милиони тони, со што оваа земја ќе стане еден од главните производители на јаглен во светот. Мозамбик, истовремено, благодарение на реките во земјата, има голем потенцијал за градење хидроцентрали, а земјата има голем потенцијал и на полето на туризмот.
Природните убавини на земјата и крајбрежјето во должина од 2.500 километри се наоѓаат меѓу примарните цели за инвестиции на владата.