Sena Güler
27 Март 2019•Ажурирај: 28 Март 2019
ВИЕНА (АА) - Австрискиот канцелар Себастијан Курц ја потврди поврзаноста помеѓу екстремното десничарско движење и терористот, кој нападна две џамии и уби 50 муслимани во Нов Зеланд, јавува Anadolu Agency (AA).
„Утврдено е дека постои финансиска поврзаност помеѓу човекот кој го изведе нападот во Нов Зеланд и Идентитаристичкото движење во Австрија“, изјави Курц за новинарите по состанокот на неговиот Кабинет.
Во понеделникот беше претресуван домот на портпаролот на Движењето, Мартин Селнер, како дел од истрагата за истражување на можната поврзаност со терористот, Австралиецот Брентон Тарант, кој влезе во џамиите „Ал Нур“ и „Линвуд“ во Крајстчрч, Нов Зеланд, и ладнокрвно застрела верници, меѓу кои и четири деца.
Од страна на полицијата следени се банкарските сметки на Селнер и е откриено дека околу 1.500 евра (1.692 долари) му се донирани од лице со исто презиме како терористот.
Од Австриското разузнавање соопштија дека терористот ја посетил Австрија минатиот ноември.
Курц нагласи дека во Австрија нема да биде толерирана никаква форма на екстремизам, додавајќи дека виновниците ќе се гонат според законот.
Тој, исто така, рече дека поврзаноста темелно ќе се истражи, и дека веќе разговарал со министрите за внатрешни работи и за правда за укинување на екстремното десничарско Идентитаристичко движење.
„И двете министерства ќе ги мобилизираат сите свои средства против ова движење“, додаде Курц.
Идентитаристичкото движење е познато по својот антимигрантски и антимуслимански став.