Rahmi Gündüz
02 Мај 2017•Ажурирај: 03 Мај 2017
ПАРИЗ (АА) - Претседателот на Курдската регионална влада на северен Ирак, Месут Барзани, изјави дека е дојдено времето Курдите да прогласат своја независна држава во Ирак, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за францускиот весник “La Figaro“ (Ла Фигаро), Барзани истакна дека Курдите сакаат по мирен пат, и по пат на дијалог да се одвојат од Ирак.
„Повеќе од 100 години работевме на зачувување на интегритетот на Ирак, а за возвррат добивме 4.500 изгорени села, жртви од хемиски напади, а само од мојата фамилија беа убиени над 10.000 лица“, рече Барзани.
Истакнувајќи дека сака да гради добрососедски односи, Барзани рече дека прогласувањето на независна курдска држава во Ирак нема да донесе нова дестабилизација, туку ќе помогне во изградбата на мирот во регионот.
На прашањето дали има добиено одредена меѓународна поддршка во врска со прогласувањето на независна курдска држава, Барзани рече дека тоа е одлука која ќе ја донесе курдскиот народ, и дека тоа нема никогаш да се оствари доколку чекаат подарок од меѓународната заедница.
Барзани, исто така, најави дека од новиот француски претседател кој ќе биде избран на изборите во недела, ќе бара да го поддржи воспоставувањето на независна курдска држава, и додаде дека во најмала рака очекува Франција да не се противи на тој процес.