Ali Cura
03 Мај 2017•Ажурирај: 03 Мај 2017
СОЧИ (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин по состанокот со германската канцеларка Ангела Меркел во Сочи, во врска со нападот со хемиско оружје во Идлиб, Сирија, истакна дека е потребно, по опсежна и независна истрага да се пронајдат одговорните и да се казнат, јавува Anadolu Agency (AA).
„Остро ја осудуваме употребата на сите видови хемиско оружје. Потребно е да се пронајдат и да се казнат оние кои се одговорни за смртта на Сиријците“, истакна Путин.
Двајцата официјални претставници порачаа дека е потребно да се продолжи со мировните преговори за сириската криза во Астана и во Женева.
„Веруваме дека решението за сириското прашање ќе се постигне само по мирен пат и под покровителство на Обединетите нации“, порача Путин, додавајќи дека Русија е во постојан контакт со САД во врска со кризата во Сирија.
„Решението на овие проблеми е невозможно да се пронајде без учество на земја како што се САД. Затоа сме во контакт со американските партнери, и понатаму ќе бидеме“, рече Путин.
Тој нагласи дека сирискиот народ е угнетуван, и додаде дека е потребно да се обезбеди целосен прекин на огнот во Сирија.
„Сакаме да се зајакне постоечкото примирје. Во овој контекст, нашите претставници утре и задутре во Астана ќе присуствуваат на состаноците со завојуваните страни“, рече Путин.
Тој се осврна и на судирите во Украина и истакна дека сите страни мора да го почитуваат мировниот договор од Минск. Напомена дека примената на договорот од Минск е од пресудно значење за реализација на директен дијалог меѓу Киев и Донбас.
Тој нагласи дека е невозможно да се постигне решение за судирот во Украина без директен дијалог меѓу страните, изразувајќи надеж дека тој дијалог наскоро ќе се воспостави.
Меркел истакна дека се надева оти санкциите кон Русија ќе бидат укинати, напоменувајќи, сепак, дека тоа ќе се случи дури по целосното применување на мировниот договор од Минск.
Таа додаде дека сѐ уште постојат значителни разлики во ставовите во врска со причините за конфликтот во Украина, и истакна дека Германија и понатаму верува во демократскиот легитимитет на украинската влада.
Германската канцеларка Ангела Меркел допатува во официјална посета на Русија, што е прва посета на земјата во изминатите две години.
Повод за нејзината посета на овој руски град е подготовката за Самитот на лидери на Г-20, кој во јули годинава ќе се одржи во германскиот град Хамбург.
Путин и Меркел последен пат се состанаа во октомври минатата година во Берлин, кога на мултилатералниот самит разговараа за ситуацијата на кризниот исток од Украина.
Состанокот се одржа во период на напнатост поради воведувањето на санкции кон Русија поради Украина.