Ömer Aydın
03 Мај 2017•Ажурирај: 04 Мај 2017
ПАРИЗ (АА) - Извршниот одбор на Организацијата на Обединетите народи за образование, наука и култура (УНЕСКО) вчера во Париз усвои нацрт-реолуција со која Израел е наречен 'окупатор' кој нема суверенитет врз Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).
Нацрт-резолуцијата ја прифатија 22 земји, меѓу кои и Бразил, Русија, Шведска и Кина, додека 10 земји гласа против, вклучувајќи ги САД, Германија, Велика Британија, Италија и Холандија. Воздржани беа 23 земји, додека претставниците на Србија, Туркменистан и Непал не учествуваа на седницата.
Споменатата нацрт-резолуција, насловена како „Окупирана Палестина“, ја предложија Судан, Катар, Оман, Мароко, Либан, Египет и Алжир.
Резолуцијата бара да се прогласат за неважечки и да се поништат сите мерки, како и судските или управните одлуки што имале за цел да се промени структурата и статусот на градот Ерусалим.
Исто така, се бара Израел да престане да копа тунели и да изведува други активности во Ерусалим, како и градежни проекти во Источен Ерусалим, кои, како што се наведува во резолуцијата, не се во склад со резолуциите на УНЕСКО и на Обединетите нации (ОН).
Во нацрт-резолуцијата, во која се наведува дека Ерусалим е свет град на евреите, христијаните и на муслиманите, се споменува дека е неприфатлива окупацијата на Газа, како и контролата при влезот во тоа подрачје.
Упатен е апел до Генералниот секретар на УНЕСКО наскоро да одржи состанок во врска со ова прашање и повторно да се отвори претставништво на УНЕСКО во Газа.