Tufan Aktaş
16 Септември 2021•Ажурирај: 16 Септември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - ТУФАН АКТАШ -
Сушата со која се соочи Кенија по инвазијата на скакулци и поплавите, доведе до тоа 2,1 милион луѓе да бидат изложени на ризик од глад, пишува Агенција Анадолија (АА).
Милиони луѓе кои живеат во сушни и полусушни региони се соочуваат со глад. Стотици илјади деца и десетици илјади бремени жени и доилки почнаа да се соочуваат со здравствени проблеми поради неисхранетост.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), поради сушата бројот на луѓе кои имаат итна потреба од храна е зголемен за 70 проценти од февруари и е искачен на 2,1 милион.
Соопштено е дека на 523.000 деца и 96.000 бремени жени и доилки им е потребен третман поради неисхранетост.
Ресурсите за храна и вода се недоволни во сушните и полусушните региони поради помали врнежи од очекуваните во октомври - декември минатата година и март - мај оваа година.
Досега во повеќе од 20 административни региони во земјата се прогласени национални катастрофи, а предупредување за суша е објавено во 12 региони.
Започнаа да се појавуваат конфликти поради водните ресурси помеѓу некои заедници што живеат во сушни региони и кои се занимаваат со земјоделство.
Сегашните проблеми со храната во северните и источните региони на земјата, кои се соочија со најголемата инвазија на скакулци во својата историја во последните години, се очекува да растат уште повеќе со ефектот на сушата.
- Не се очекува подобрување до почетокот на 2022 година -
Портпаролот на Црвениот крст на Кенија, Петер Абвао, во изјавата за дописникот на АА во врска со случувањата во сушните области, рече дека сушата веќе погодила 2,1 милион луѓе, но дека ситуацијата може да се влоши доколку не се појават очекуваните дождови.
„Ситуацијата е особено лоша за децата и бремените жени. Немаше доволно врнежи и жетвата не можеше да се изврши поради инвазијата на скакулци. Се соочуваме со голема прехранбена криза заедно со сушата“, нагласи Абвао.
Истакнувајќи дека метеоролозите предвидуваат дека нема да има доволно дожд, Абвао рече дека не очекуваат подобрување на кризата до почетокот на 2022 година.
- „Животните умираат едно по едно“ -
„Луѓето кои живеат на границата на земјата со Сомалија и Етиопија одгледуваат добиток, но животните умираат едно по едно. Луѓето не можат да молзат млеко, ниту пак имаат што да продаваат", рече Абвао.
Наведувајќи дека немаат јасни информации за фактот дека луѓето почнале да умираат од глад, како што пишува во медиумите, Абвао рече дека тие обезбедуваат храна и вода за народот и дека очекуваат поддршка од меѓународната јавност.
Абвао истакна дека не очекуваат во сушните региони до крајот на годината да се произведува храна.
- Заканата од болести се зголемува -
Болестите се друг проблем што доаѓа со сушата. Во сушните региони, поради влошување на хигиенските услови кај луѓето инфекциите на горниот респираторен тракт се зголемија. Од мај, само во Гариса и Туркана се пријавени 36 сомнителни случаи на колера.
Поради ниската жетва цените на храната во градовите растат. Метеоролошката служба на Кенија соопшти дека очекуваат врнежите помеѓу октомври и декември да бидат под просекот.