Seyit Aydoğan
16 Септември 2021•Ажурирај: 17 Септември 2021
ТОРОНТО (АА) - Речиси 60 Авганистанци, поранешни преведувачи кои работеле за канадската војска за време на мисијата во Авганистан, стапија во штрајк со глад со барање да им ги евакуираат семејствата од Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА)
Групата Авганистанци се собраа пред зградата на канадскиот Парламент во Отава и побараа од канадската Влада да ги спаси нивните семејства изложени на закани од талибанците во Авганистан.
„Нашите семејства се сѐ уште во Авганистан. Уште колку треба да се кријат за да се спасат од талибанците?“, „Ние ви помогнавме, сега е време вие да ни помогнете“ и „Министерството за миграција да дејствува побрзо“, се пораките што ги напишаа демонстрантите на транспарентите.
Еден од штрајкувачите, Замарај Никсад, за „Си-би-си“ (CBC) изјави дека неговото семејство во Авганистан добило заканувачко писмо од талибанците.
„Моите најблиски избегаа од дома и се кријат. Ги ризикувавме нашите животи, а сега нашите семејства се во опасност“, рече Никсад.
И Ахмед Сајед започна штрајк со глад и најавува дека штрајкот ќе трае сѐ додека канадската Влада не ги исполни нивните услови.
„Ми недостига мајка ми, ја немам видено десет години. Ми недостига моето семејство. Кога дојдов во Канада, ги предадов и имињата на членовите на моето семејство за нивна евакуација. Ние само бараме од канадската Влада да го исполни своето ветувања и да ги донесе нашите семејства“, рече Весал Насер.
И Саид Шах штрајкува со глад барајќи неговото семејство да биде евакуирано од Авганистан.
„Изгубив пет члена од семејството поради соработка со Канадската армија. Сега се плашам дека ќе ги загубам и останатите“, рече Шах.
Канадското Министерство за надворешни работи претходно објави дека ќе ги евакуира сите локални соработници и нивните семејства од Авганистан до 31 август. Премиерот на Канада, Џастин Трудо, рече дека станува збор за околу 20.000 соработници и членови на нивните семејства.
Евакуацијата не се одвиваше според планот поради проблемите што избија на аеродромот во Кабул, а Министерството за надворешни работи на Канада објави дека од Авганистан се евакуирани 3.700 луѓе во таа земја, и дека евакуациите се прекинати поради безбедносни причини.