Shafiq Ahmad Qureshi
16 Септември 2021•Ажурирај: 17 Септември 2021
КАБУЛ
Вршителот на должноста министер за внатрешни работи на Авганистан вчера се состана со шефицата на Мисијата на ОН за помош во Авганистан (UNAMA) и специјална претставничка на генералниот секретар на ОН за безбедност, за да разговараат за голем број прашања, вклучително и испорака на хуманитарна помош во земјата зафатена од војна, изјави талибански претставник, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ова е прва средба помеѓу специјалната претставничка на ОН, Дебора Лајонс и вршителот на должноста министер за внатрешни работи, Сираџудин Хакани, по објавувањето на талибанците за нова привремена администрација во Авганистан минатата недела.
Сухаил Шахин, портпарол на политичката канцеларија на талибанците во Доха, на Твитер денеска објави дека Лајонс и Хакани „разговарале за тековната ситуација во Авганистан и хуманитарната помош“.
„Хакани увери дека персоналот на ОН може да ја извршува својата работа без никакви пречки и да доставува витална помош за авганистанскиот народ“, се вели во соопштението, и се додава: „Тој нагласи да остане ангажиран со меѓународната заедница.“
„На состанокот, исто така, беше истакнато дека ОН треба да ја признаат новоформираната Влада во Авганистан и да соработуваат со неа“, објавија локалните авганистански медиуми.
Според „Толо њуз“, на состанокот се разговарало и за расчистување на црната листа на ОН, спроведување на Мировниот договор во Доха и ослободување на замрзнатата валута на Авганистан за банкарски и економски развој.
„Новата администрација инсистира дека САД остануваат посветени на Договорот во Доха и дека треба да се укинат санкциите против владините претставници“, се додава во соопштението.
Меѓународните санкции беа воведени во 1999 година кога талибанците беа на власт во Кабул и воведоа исламски прописи низ целата земја.
Најмалку 14 члена на привремената талибанска Влада, вклучувајќи го и вршителот на должноста премиер Мула Мохамад Хасан Ахунд и неговите двајца заменици, се на црната листа на Советот за безбедност на ОН, која вклучува забрани за патување и замрзнување на имотот.