Ahmet Dursun
16 Септември 2021•Ажурирај: 16 Септември 2021
АНКАРА
Претседателот на Иран, Ибрахим Реиси, истакна дека прв приоритет на неговата земја во надворешната политика е воспоставување добри односи со земјите од регионот, особено со соседите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според иранската официјална агенција ИРНА, Реиси одржа прес-конференција на аеродромот пред да замине во Душанбе, главниот град на Таџикистан, за да присуствува на Самитот на шефови на држави на Шангајската организација за соработка (ШОС).
Истакнувајќи дека ќе присуствува на Самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС), по покана на таџикистанскиот претседател Имамали Рахман, Реиси рече: „Посетата на Таџикистан ќе отвори нова страница во нашите односи со оваа земја во областа на културата, економијата и политиката.“
Реиси исто така информира дека во рамките на неговата посета на Таџикистан ќе бидат потпишани договори со оваа земја во областа на правото, економијата и земјоделството и дека ќе се сретне со лидерите кои ќе присуствуваат на Самитот.
Посочувајќи дека неговата земја придава големо значење на регионалната соработка, Реиси истакна: „Иран ќе игра активна улога во Шангајската организација за соработка, која е една од најефикасните организации за регионална соработка.“
Нагласувајќи дека неговата земја ќе ѝ даде приоритет на надворешната политика фокусирана на азиските земји, иранскиот претседател Реиси рече: „Зајакнувањето и развојот на односите со земјите од регионот, особено со соседните земји, се меѓу главните приоритети на Иран.“
Дваесет и првиот Самит на шефови на држави на Шангајската организација за соработка (ШОС) ќе се одржи во главниот град на Таџикистан на 16-17 септември.
Иранските официјални претставници многупати изјавија дека сакаат да се приклучат на Шангајската организација за соработка (ШОС) како полноправна членка. Техеран моментално има статус на набљудувач.
Шангајската организација за соработка (ШОС), во која Турција е „партнер за дијалог“, е формирана како Шангајска петорка во 1996 година. Тогаш претставниците на Кина, Русија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан се собраа во Шангај, Кина и го потпишаа Договорот за продлабочување на воената доверба во пограничните региони.
Со приклучувањето на Узбекистан во 2001 година, името на Шангајската петорка е сменето во Шангајска организација за соработка (ШОС). Узбекистан, Пакистан и Индија подоцна беа примени во организацијата како полноправни членови.
Иран, Авганистан, Монголија и Белорусија се членки набљудувачи на ШОС.
Опишан како НАТО на Исток, ШОС има за цел да обезбеди воена, економска и културна соработка меѓу земјите членки и да развие партнерства, особено во областа на безбедноста.