Dejan Maksimoviç
17 Јануари 2016•Ажурирај: 18 Јануари 2016
ВИЕНА (АА) - Јуки Амано, генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) потврди дека Иран ги презел неопходните чекори за почеток на реализацијата на заедничкиот сеопфатен план-акција во согласност со нуклеарниот договор, јавува Anadolu Agency (AA).
"Односите помеѓу Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) и Иран сега ќе влезат во нова фаза. Тоа е многу важен ден за меѓународната заедница", рече Јуки Амано.
И американскиот државен секретар Џон Кери потврди дека Иран се однесува во согласност со договорот, што ќе доведе до укинување на американските санкции поврзани со иранската нуклеарна програма.
Иран во јули, минатата година постигна нуклеарен договор со шестте светски сили, според кој сите ирански нуклеарни активности ќе ги стави под надзор на Агенцијата во следните 15 години.
Исто така, Иран вети дека ќе ги сопре сите програми кои развиваат нуклеарно вооружување во замена за укинување на економските санкции.
Доколку Иран, на било каков начин го прекрши договорот, санкциите повторно ќе стапат на сила.