Sena Güler
29 Октомври 2017•Ажурирај: 29 Октомври 2017
БАГДАД (АА) - Здружените ирачки сили напредуваат во операциите за ослободување на последното упориште на терористите на ДЕАШ во долината на реката Еуфрат во западен Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Бригадирот на ирачките сили, Јахја Расул, за АА истакна дека во изминатите три дена во операцијата се убиени најмалку 75 терористи на ДЕАШ, и дека ирачките сили ја ослободиле периферијата и стигнале пред самиот центар на пограничниот град Ал Каим.
Ирачкиот премиер, Хајдар ал-Абади, во четвртокот изјави дека започнува операцијата за ослободување на Ал Каим и Рава, две мали градчиња во долината на Еуфрат на границата со Ирак и Сирија, и кои по ослободувањето на Мосул станаа главна база на терористите во Ирак.
Генералот Расул потврди дека ирачката армија вчера ја ослободила железничката станица и мостот Ал Хор во Ал Каим.
На копнената операција на ирачките сили во Ал Каим и Рава, ѝ претходеа жестоки воздушни напади врз базите на терористите на ДЕАШ.
Ал Каим и Рава се под контрола на ДЕАШ од летото 2014 година и претставуваат еден вид коридор меѓу источните делови на Сирија и западниот дел на Ирак, под контрола на терористите.
Падот на ДЕАШ во Ирак започна со јулското ослободување на Мосул, кој беше познат како престолнина на ДЕАШ, а по ослободувањето на Тел Афер и другите ирачки градови, Ал-Каим и Рава станаа главно место на отпорот на ДЕАШ во Ирак.