Haydar Karaalp
29 Август 2022•Ажурирај: 29 Август 2022
БАГДАД (АА) - Приврзаниците на Муктада ал-Садр, лидерот на движењето Садр во Ирак, влегоа во Претседателската палата во главниот град Багдад, јавува Агенција Анадолија (АА).
Група приврзаници на шиитскиот лидер Садр упаднаа во Претседателската палата, сместена во заштитената Зелена зона, каде што се наоѓаат владините згради и претставништвата на странските мисии во главниот град.
Од друга страна, друга група поддржувачи на Садр влегле во Владината палата во Багдад.
Муктада ал-Садр, кој победи на парламентарните избори одржани во Ирак минатата година, во денешниот пост на својот профил на социјалните мрежи истакна дека „се повлекува од политиката“.
„Изјавувам дека се откажав од политичкиот ангажман и целосно се повлеков од политиката. Решив да ги затворам сите институции освен гробот на татко ми, институцијата за историски споменици и семејниот музеј Садр“, напиша Садр.
Подоцна, група поддржувачи на Садр се собраа пред Владината палата во Зелената зона за да протестираат против Владата.
И покрај преземените безбедносни мерки, приврзаниците на шиитскиот лидер со уривање на бетонските бариери се собраа пред Владината палата.
Групата поддржувачи на Садр на протестот ги повикаа владините претставници да поднесат оставки.
Потоа, поради акцијата на приврзаниците на Садр во Багдад беше прогласен полициски час.
Во соопштението на ирачката здружена оперативна команда беше соопштено дека од денеска во 15:30 часот во Багдад е прогласен полициски час.
- Поддржувачите на Садр претходно упаднаа и во Парламентот -
Муктада ал-Садр поднесе оставки и побара од пратениците од движењето Садр да поднесат оставка откако Владата не можеше да се формира поради несогласување со шиитските групи блиски до Иран.
Потоа, откако, шиитската политичка чадор-организација блиска до Иран го одреди Мухамед Шија Судани за кандидат за премиер, приврзаниците на Садр влегоа во Зелената зона на 30 јули, упаднаа во зградата на Парламентот и започнаа протест со седење во Парламентот.
Шиитскиот лидер Садр на 2 август ги повика своите приврзаници да го напуштат Парламентот и да продолжат со протестот околу зградата.