Elena Teslova
29 Август 2022•Ажурирај: 31 Август 2022
МОСКВА (АА) - Руската служба за безбедност денес соопшти дека идентификувала уште еден осомничен за убиството на руската новинарка Дарја Дугина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Федералната служба за безбедност соопшти дека украинскиот државјанин Богдан Циганенко заговарал со Наталија Вовк, главниот осомничен.
„Утврдено е дека убиството на Дугина било планирано во Москва од Вовк и друг член на украинската диверзантско-терористичка група - државјанин на Украина, Богдан Петрович Циганенко, роден во 1978 година, кој транзитирал во Русија преку Естонија на 30 јули 2022 година и ја напуштил територијата на Русија еден ден пред убиството на Дугина“, соопшти ФСБ.
Според разузнавачката служба, Циганенко ѝ дал на Вовк лажни регистарски таблички и документи за автомобил на име на вистинска државјанка на Казахстан, Јулија Заико.
Покрај тоа, тој заедно со Вовк извршил склопување на импровизирана експлозивна направа во изнајмена гаража југозападно од Москва.
Разузнавачката служба ги смета украинските власти за одговорни за убиството на 29-годишната руска новинарка. Украина ги отфрла обвинувањата.
Дугина загина во експлозија на автомобил на периферијата на Москва на 20 август.
Таа беше ќерка на рускиот социолог и филозоф Александар Дугин, кој го предводи Меѓународното евроазиско движење, политичко движење што се спротивставува на американските вредности како либерализмот и капитализмот, и е познат како сојузник на претседателот Владимир Путин.