Rahmi Gündüz
05 Јануари 2016•Ажурирај: 07 Јануари 2016
ПАРИЗ (АА) - Европскиот суд за човекови права ја осуди Русија за кршење на правата и слободите на мирно собирање и протестирање на граѓаните, јавува Anadolu Agency (АА).
Судот денеска донесе пресуда по тужбата која беше покрената по протестите кои се одржаа во Москва на 6-ти мај 2012 година, поради тврдењата за нерегуларностите во текот на тогашните претседателски и парламентарни избори во Русија. Тужбата против Русија, пред Европскиот суд за човекови права, ја поднесе рускиот граѓанин Евгениј Фрумкин кој за време на демонстрациите беше уапсен, а потоа осуден на 15 дена затвор.
Во пресудата се наведува дека Русија ги прекршила одредбите на Европските договори за човекови права кои се однесуваат на слобоно и мирно собирање и протестирање. Според пресудата, Русија има обврска на тужителот Фрумкин да му исплати 32.000 евра отштета, која ги вклучува трошоците на судскиот процес.
"Русија е виновна за тоа што не се обезбеди ред и мир за време на демонстрациите, кои претходно биле одобрени од страна на овластените службени лица во земјата", се вели во пресудата.
Фрумкин во тужбата ја обвини Русија дека спречила одржување на мирен марш во Москва којшто претходно беше одобрен од страна на Владата, по што демонстрантите продолжија да протестираат со седење на улица, што беше причината за многумина од нив да бидат уапсени и задржани во притвор. За време на демонстрациите се приведени уште осуммина други, кои подоцна беа осудени на затворски казни во траење од две до четири години. Русија е земја за која Европскиот суд за човекови права поднесе најголем број жалби и која има најмногу судски пресуди од таа меѓународна институција.