Ali Cura
29 Август 2022•Ажурирај: 30 Август 2022
КАЗАН (АА) – Претседателот на Русија, Владимир Путин, истакна дека државите од исламскиот свет се нивни традиционални партнери во решавањето на многу актуелни проблеми на регионалната и глобалната агенда и во обидот да се изгради поправеден и подемократски светски поредок, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во Казан, главниот град на Република Татарстан поврзана со Руската Федерација, во тек е „Глобалниот младински самит Казан“, меѓународна програма на Организацијата за исламска соработка (ОИС) за 2022 година.
Претседателот на Татарстан, Рустем Миниханов, присуствуваше на сесијата „Младите на глобалната агенда“ на која модератор беше Таха Ајхан, претседател на Младинскиот форум за исламска соработка (ICYF).
Миниханов во своето обраќање ја прочита пораката што ја испрати рускиот претседател Владимир Путин на самитот.
„Државите од исламскиот свет се наши традиционални партнери во решавањето на многу актуелни проблеми на регионалната и глобалната агенда и во обидот да се изгради поправеден и подемократски светски поредок. Важно е младите луѓе да стануваат сè поактивно вклучени во таква конструктивна, повеќеслојна интеракција“, нагласи Путин во својата порака.
- „Прифаќањето на исламот од страна на нашите предци одигра улога во развојот на државата“ -
Во својот говор, лидерот на Татарстан, Миниханов, истакна дека изборот на Казан за младинска престолнина на Организацијата за исламска соработка е доказ за успесите и достигнувањата на Русија и Татарстан на полето на младинската политика, како и за нивните долгорочни силни врски со Организацијата за исламска соработка (ОИС).
„Важно е да се забележи дека ваков статус за првпат ѝ е доделен на земјата набљудувач на ОИС“, нагласи Миниханов.
Подвлекувајќи дека ваквиот настан се совпаѓа со прославите на 1.100-годишнината од прифаќањето на исламот во Татарстан, Миниханов додаде: „Прифаќањето на исламот од страна на нашите предци во 922 година одигра важна улога во развојот на нашата држава и во тоа исламот да биде една од водечките религии во земјата. Придаваме посебно значење на интеракцијата со исламскиот свет и Организацијата за исламска соработка.“
Од друга страна, претседателот на Младинскиот форум за исламска соработка (ICYF), Ајхан, истакнувајќи дека нивните активности ќе придонесат во следните 10 години да се дискутира за различни прашања, додаде: „Навистина има критични прашања што ги поставуваат младите луѓе низ светот. Како што знаете, не само во економијата, туку недостигаат можности и за учество на политичко-социјалното поле. Овие активности ќе помогнат на некои од предизвиците и ќе обезбедат идеја за подобро вклучување и учество на младите во глобалната агенда.“
Глобалниот младински самит во Казан завршува утре.