Ekipa
29 Август 2022•Ажурирај: 30 Август 2022
ОВИЕДО (АА) - Најмалку 10 летови се откажани денес во Шпанија, бидејќи вработените на две големи авиокомпании продолжуваат со штрајкот поради платите, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ибериа Експрес“ соопшти дека 1.300 патници се погодени од денешното откажување на 10 летови и го повика синдикатот веднаш да го прекине штрајкот на кабинскиот екипаж.
„Изберете дијалог наместо социјална конфронтација, која им штети на вработените на Ибериа Експрес, нивните клиенти и иднината на компанијата“, се нагласува во соопштението.
Десетдневниот штрајк во „Ибериа Експрес“ започна вчера и поради штрајкот треба да бидат откажани најмалку 92 лета до 6 септември.
Синдикатот УСО, кој стои зад штрајкот, вели дека платите на кабинскиот персонал се замрзнати веќе седум години. Работниците бараат покачување на платите во чекор со инфлацијата.
Понеделник е и последниот ден од оваа рунда штрајкови на пилотите на Изиџет, што предизвика да бидат откажани повеќе од 87 летови овој месец.
Нивниот синдикат Сепла тврди дека пилотите бараат враќање на работните услови што ги имале пред пандемијата на Ковид-19.
„За време на пандемијата, Изиџет го користеше аргументот за потенцијални загуби на работни места за да побара влошување на работните услови на пилотите. Пилотите одговорно ги прифатија овие услови, не само за да ги задржат своите работни места, туку и за да обезбедат опстанок на компанијата“, соопшти Сепла.
Синдикатот денес соопшти дека „најлошото од пандемијата е завршено“, а пилотите летаат со сличен број летови како и во 2019 година.
Ова лето, авиоиндустријата во Шпанија се справи со неколку штрајкови кои поттикнаа хаос во патувањето, вклучувајќи го и оној на кабинскиот екипаж на Рајанер.
Во првата половина на 2022 година, Шпанија забележа пораст од 20 отсто во штрајковите, бидејќи работниците гледаа дека нивната куповна моќ е еродирана од инфлацијата. Раст на штрајковите имаше особено во транспортната индустрија при што учесниците во штрајковите се зголемија за 89 отсто во текот на 2021 година.
Соседна Португалија, исто така, закрепнува од викендот обележан со акутен патнички стрес. Штрајкот на вработените на аеродромите во Лисабон и Порто од петокот до вчера предизвика најмалку 118 откажувања на летови.