Haydar Karaalp
05 Септември 2018•Ажурирај: 05 Септември 2018
БАГДАД (АА) - Најмалку седум лица загинаа кога припадниците на безбедносните сили отворија оган врз демонстрантите за време на протестите во јужниот ирачки град Басра, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите од локалните извори, демонстрантите, незадоволни од јавните услуги во градот, излегле на улиците, но таму се соочиле со жестока интервенција на безбедносните сили. За време на судирите припадниците на безбедносните сили отвориле оган врз демонстрантите, при што загинале најмалку седум, а ранети се повеќе од 30 лица.
Се наведува, исто така, дека демонстрантите влегле во зградата на Кабинетот на гувернерот на Басра, по што ја запалиле. Зградата во пламен можеше да се види и на видеоснимките објавени на социјалните медиуми.
Командата за операции во Басра по овие случувања во градот прогласи полициски час.
Басра е ирачки регион од кој се црпи 80 отсто од вкупната ирачка нафта. Веќе речиси два месеци траат протестите на жителите на овој град кои се незадоволни поради големиот процент на невработеност, проблемите во напојувањето со електрична енергија и другите јавни услуги.