Ömer Tuğrul Çam
30 Јули 2021•Ажурирај: 02 Август 2021
БРИСЕЛ (АА) – Екстремно десничарската идеологија и движења во Белгија постепено се претвораат во сериозна закана од алармантно ниво, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информациите во извештајот на државната агенција ОКАД (OCAD), која спроведува анализа на заканите во Белгија, објавени се во весникот „Де морген“ (De Morgen).
Во извештајот се наведува дека идеологијата на екстремната десница во земјата е во нагорна линија и дека особено интернетот игра важна улога во ширењето на екстремистичките идеи.
Нагласувајќи дека интернетот стана место за средби на екстремно десните идеологии, во извештајот се истакнува дека видеата и фотографиите што содржат шеги се широко користени за ширење фанатичен расизам и теории на заговор.
Во извештајот се нагласува дека екстремните десничари се повидливи на интернет и дека тоа предизвикува младите луѓе полесно да бидат изложени на екстремно десничарска пропаганда.
Заканата од екстремната десница во Белгија стана поуочлива откако војникот по име Јирген Конингс украде тешко оружје и исчезна од својата единица.
Крајниот десничар Конингс, кој исчезна со закана дека ќе организира терористички напад, беше пронајден мртов по едномесечна потрага. Потоа на социјалните мрежи регистрирано е зголемување на објавите кои го поддржуваат Конингс.
Во извештајот, меѓу другото, се наведува дека идеологијата што ја брани терористичката организација ДЕАШ сѐ уште постои во Белгија, но терористичките ќелии и странските терористички борци контролирани од организации како што е ДЕАШ, повеќе не се главната грижа на земјата.
Според извештајот, загриженост предизвикуваат луѓето што се радикализираат и „дејствуваат сами“.