Gamze Türkoğlu Oğuz
19 Август 2019•Ажурирај: 20 Август 2019
КОПЕНХАГЕН (АА) - Данската премиерка, Мете Фредериксен, ја оцени како апсурдна идејата на американскиот претседател, Доналд Трамп, за купување на данскиот автономен регион Гренланд, пренесува Anadolu Agency (AA).
Фредериксен при својата посета на Гренланд се состана со премиерот на островот, Ким Килсен.
Повторувајќи дека островот не е на продажба, таа рече дека апсурдна е полемиката за темата дека Трамп сака да го купи Гренланд.
„Гренланд не е дански. Гренланд е на Гренланд. Настојчиво се надевам дека тоа навистина не е сериозно“, нагласи Фредериксен.
Планирано е Трамп да ја посети Данска на почетокот од следниот месец.
- Наводи дека Трамп сака да го купи Гренланд -
Весникот „Вол стрит џурнал“ (Wall Street Journal) напиша дека на состаноците, вечерите и разговорите Трамп ги прашувал своите советници дали Соединетите Американски Држави (САД) би можеле да го купат Гренланд, и дека Трамп со интерес слушал кога се разговарало за изобилството на ресурси на Гренланд и неговото геополитичко значење.
И новинската агенција „Асошиејтед прес“ (Associated Press) во својата вест базирана на извор близок до Трамп истакна дека Трамп разговарал за купување на Гренланд, но во однос на тоа прашање не бил сериозен.
„Гренланд е богат со минерали, чиста вода и мраз, резерви на риби, морска храна, обновлива енергија и е место за авантуристички туризам. Ние сме отворени за бизнис, но не сме на продажба“, нагласи Министерството за надворешни работи на Гренланд.
Поранешниот американски претседател, Хари Труман, во 1946 година на Данска ѝ понуди 100 милиони долари во злато за да го купи Гренланд, автономна данска територија на Арктикот.