Ömer Erdem
19 Август 2019•Ажурирај: 20 Август 2019
КАРТУМ (АА) - Транзицискиот воен совет на Судан (TMC) и Опозицискиот сојуз на силите на слободата и промената (FFC) соопштија дека најавата за Претседателскиот совет (Суверен совет) е одложена за 48 часа со цел да се постигне договор за имињата што ќе го сочинуваат Советот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Транзицискиот воен совет, Шемседин Кебаши, на прес-конференција рече дека вчеравечер одржале долги состаноци со Опозицискиот сојуз и дека страните ја потврдиле својата заложба за времето на формирање на механизмите за привремената администрација на Уставната декларација.
„Страните дадоа по пет имиња за кандидатите за Претседателскиот совет, но Опозицискиот сојуз се откажа од некои имиња. Побара 48 часа за да го достави конечниот список на кандидати“, истакна Кебаши.
За новиот Претседателски совет (Суверен совет), Опозицискиот сојуз на силите на слободата и промената (FFC) ги избра имињата како што се академиците Ајше Муса, Сидик Тавир, новинарот Мухамед ел-Феки Сулејман и правниците Таха Осман и Хасан Шејх Идрис.
Таха Осман неодамна објави дека нема да се кандидира за Претседателскиот совет. Опозицискиот сојуз го предложи Осман како претставник на Унијата на професионални комори на Судан (SPA).
- Советот ќе биде составен од 11 члена -
Претседателскиот совет ќе биде составен од 11 члена. Петмина од членовите ќе бидат избрани од воената администрација и 5 од опозициската коалиција. Во советот ќе има и едно цивилно лице за кое ќе се договорат страните.
Овластени лица од опозициската коалиција истакнаа дека Војската и опозициската коалиција се договориле единаесеттиот член на Советот да биде избран од коптските христијани, кои се малцинска група.
Денес се очекуваше да има распуштање на Воениот совет, да бидат назначени членовите на Претседателскиот совет и да дадат заклетва во присуство на претседателот на Врховниот суд.
- Уставна декларација -
Транзицискиот воен совет (TMC) на Судан и Опозицискиот сојуз на силите на слободата и промената (FFC) постигнаа конечен договор за поделба на власта и во саботата потпишаа уставна декларација за ставање крај на политичката криза во земјата.
Во Судан ќе има три управни механизми: Претседателски совет, Кабинет и Парламент.
Советот, кој се состои од 6 цивили и 5 воени членови, треба денес да ја започне со својата работа.
Новиот премиер ќе биде назначен од страна на новиот Совет на 20 август. Членовите на Кабинетот се очекува да бидат објавени на 28 август, а по одобрувањето на Советот, се очекува со работа да започнат на 31 август.
На 1 септември се предвидува да се одржи првата седница помеѓу Претседателскиот совет и Кабинетот. Откако ќе бидат познати премиерот и министрите, за три месеци треба да се формира Парламентот.