Betül Yürük
23 Февруари 2017•Ажурирај: 23 Февруари 2017
ЊУЈОРК (АА) - Обединетите нации (ОН) предупредија дека над 20 милиони луѓе во Јужен Судан, Нигерија, Сомалија и Јемен се соочуваат со голем глад, апелирајќи да се собере помош за нив во износ од 4.4 милијарди долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на прес-конференцијата истакна дека голем број од жителите на овие четири земји се соочуваат со длабока хуманитарна криза.
Тој истакна дека милиони луѓе се изложени на неухранетост, се наоѓаат на работ на смртта и се подложни на различни болести и епидемии.
„Принудени се да убиваат животни со цел да имаат што да јадат. Ги јадат житариците планирани за сеење следната година“, изјави Гутереш.
Тој нагласи дека итно мора да се соберат средства за жителите на овие земји.
„До крајот на март мораме да собереме 4,4 милијарди долари за да спречиме голема катастрофа. Потребно е веднаш да се делува со цел да се спречи катастрофата“, предупреди Гутереш.
Според податоците на УНИЦЕФ, околу 1,4 милиони деца во споменатите четири земји се наоѓаат во животна опасност поради недостиг на храна.