Ivana Ramadanova
06 Март 2017•Ажурирај: 06 Март 2017
БРИСЕЛ (AА) - Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, денеска во Брисел ја разгледуваaт состојбата во Република Македонија и другите земји од Западен Балкан и ќе донесат заклучоци кои потоа шефовите на државите и владите на ЕУ-земјите ќе ги усвојат на Самитот на Европскиот совет во четврток, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според информациите од дописникот на МИА од Брисел, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата, Федерика Могерини, попладнево ќе ги брифира шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ за состојбата на Западниот Балкан по нејзината посета на државите во регионот минатата недела.
Денешниот Совет за надворешни работи на Европската Унија со кој претседава Могерини, ќе започне со заедничка седница на министрите за одбрана и за надворешни работи на земјите-членки за спроведување на глобалната стратегија на ЕУ во областа на безбедноста и одбраната.
Советот се очекува да донесе заклучоци за напредок договорен од страна на Европскиот совет на 15 декември 2016 година, при што заклучоците ќе бидат основа на извештај за Самитот на Европскиот совет на 9 и 10 март.
Советот за надворешни работи ќе има дискусија и за миграцијата како продолжение на неформалниот состанок на шефовите на држави или влади во Малта на 3 февруари 2017 година, каде што се дискутираше за надворешните аспекти на миграцијата.