Emel Öz Gözellik
19 Август 2019•Ажурирај: 20 Август 2019
ИСЛАМАБАД (АА) - Двајца цивили загинаа, а еден е ранет како резултат на отворање оган од страна на индиските војници врз контролната линија во Џаму и Кашмир меѓу Пакистан и Индија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од пакистанското Министерство за надворешни работи се истакнува дека двајца цивили се убиени, а едно лице е повредено кога индиските војници отвориле оган во пограничните села Хот Спринг и Чирикот.
„Прекршувањето на договорот од страна на Индија претставува закана за регионалниот мир“, се истакнува во соопштението. Ова му било кажано на индискиот дипломат, кој бил повикан во Министерството за надворешни работи на Пакистан.
- Тензиите во регионот продолжуваат -
Напнатоста меѓу Индија и Пакистан продолжува да ескалира откако админстрацијата во Њу Делхи на 5 август го укина членот 370 од Уставот, кој му овозможуваше привилегии на Џаму и Кашмир повеќе од половина век и специјален статус во регионот.
Од денот кога Индија го укина членот 370 од Уставот, кој му овозможуваше привилегии на Џаму и Кашмир, интензивните безбедносни мерки во регионот продолжуваат.
- Индија го укина специјалниот статус на Џаму и Кашмир -
Индиските власти на 5 август го укинаа членот 370 од индискиот Устав, кој го регулира специјалниот статус на Џаму и Кашмир.
Членот 370 на тој регион му овозможуваше сопствен устав, одделно знаме и независност по сите прашања, освен за надворешната политика, одбраната и комуникациите.
Пакистан и Индија во 1947 година за првпат влегоа во војна за Кашмир. Поради истата причина, двете земји повторно војуваа во 1965 и во 1999 година.
Индија контролира околу 45 % од Кашмир, Пакистан околу 35 %, а Кина 20 %. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир и денес е една од доминатно муслиманските покраини во Индија.
Пакистан на делот од Кашмир кој е под негова контрола му додели статус на две автономни територии наречени Азад Кашмир (Слободен Кашмир) и Гилгит-Балтистан.
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) со низа резолуции предвидува статусот на Кашмир да се реши со волјата на тамошното население и тој регион да се демилитаризира. Такво сценарио застапува и Пакистан, но не и Индија.
По укинувањето на специјалниот статус на Џаму и Кашмир од страна на Индија, Пакистан официјално ги прекина трговските односи со овие земји.