Ahmet Dursun
19 Август 2019•Ажурирај: 20 Август 2019
АНКАРА (АА) - Иран ја предупреди американската администрација да не интервенира врз нафтениот танкер „Адријан Дарја-1“ во меѓународни води, кој беше пуштен по 45-дневното запленување од страна на автономната управа Гибралтар, прекуморска територија на Велика Британија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Абас Мусеви, на прес-конференција одржана во главниот град Техеран, ја оцени одлуката на судот во САД да го заплени иранскиот танкер со нафта, откако беше ослободен од страна на Врховниот суд на Гибралтар.
Истакнувајќи дека Иран ги предупредил САД да не се обидуваат да го запленат танкерот во меѓународните води, Мусеви рече: „Ние предупредувањето го упативме преку официјалните канали, особено преку Амбасадата на САД во Швајцарија. Ваквиот обид (запленување на танкерот), ќе ја загрози безбедноста на сообраќајот во меѓународните води.“
Мусеви, исто така, рече дека интервенирањето врз танкерот би имало лоши последици.
На прашањето дали британскиот танкер за нафта „Стена Имперо“, кој беше запленет во Ормудскиот Теснец на 19 јули од страна на Иран поради непочитување на меѓународните поморски правила, ќе биде пуштен, Мусеви истакна: „Тука ја чекаме одлуката на судот, кој ги испитува прекршувањата на поморските правила од танкерот.“
- Танкерска криза -
Гибралтарската автономна администрација поврзана со Велика Британија на 4 јули заплени ирански танкер поради кршење на ембаргото против Сирија.
Иранските власти побараа да се ослободи танкерот „Грејс 1“, инаку ќе се одмаздат. На 19 јули Врховниот суд на Гибралтар го продолжи периодот на запленувањето на иранскиот танкер до 15 август.
Армијата на Иранската револуционерна гарда објави дека танкерот за нафта „Стена Имперо“ со британско знаме е запленет поради тоа што не се придржувал кон правилата на поморскиот сообраќај кога поминувал низ Ормудскиот Теснец.
Врховниот суд на Гибралтар одлучи да го пушти иранскиот танкер на 15 август.
По одлуката, Окружниот суд во сојузната американска држава Колумбија донесе решение за заплена на иранскиот танкер.
Откако беше пуштен танкерот „Грејс 1“, Иран го подигна своето знаме и го смени името на танкерот во „Адријан Дарја-1“.
Иранскиот танкер, синоќа во 23:30 часот по локално време, го напушти Гибралтар и се упати во правец на Источен Медитеран.