Ekipa
19 Септември 2021•Ажурирај: 20 Септември 2021
КАРАЧИ (АА) - Вооружени напаѓачи денес застрелаа полицаец што го чуваше персоналот кој вршел вакцинација против детска парализа во северозападниот дел на Пакистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Полицијата соопшти дека ова е еден од најновите напади насочени кон тимови кои вршат вакцинација во земјата.
Нападот се случи во местото Кохат, во северозападната покраина Хајбер Пахтунква, која се граничи со Авганистан.
Халид Сухеил, началник на градската полиција, за новинарите изјави дека за нападот се осомничени милитанти кои возеле мотор.
Тие извршиле напад врз тим за вакцинација против детска парализа во периферијата на Кохат, застрелувајќи го притоа полицаецот задолжен за заштита на тимот.
Сухеил рече дека членовите на тимот за вакцинација не се повредени.
Сè уште никој не ја презеде одговорноста за нападот. Меѓутоа, Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП), заедница од неколку милитантни групи во Пакистан, веќе подолго време извршува напади врз тимовите за вакцинација низ целата земја, тврдејќи дека кампањите за вакцинација се западен заговор за стерилизација на децата.