Tufan Aktaş
19 Јуни 2019•Ажурирај: 19 Јуни 2019
АДИС АБЕБА (АА) - Непознати напаѓачи на мотори извршија напади во две села во централен Мали, притоа убивајќи најмалку 41 лице, јавува Anadolu Agency (AA).
Нападот е извршен во делот на оваа африканска земја во кој последните месеци се интензивирани етничките судири.
„Жртвите на нападите претежно биле етнички Догони“, изјави Исак Ганаме, градоначалникот на Јоро, каде што се убиени 24 лица.
Тој истакна дека во нападот врз селото Гангафани 2 се убиени уште 17 лица.
„Околу стотина вооружени лица на мотоцикли одненадеж го нападнаа селото Јоро и пукаа во населението, а потоа го нападнаа селото Гангафани 2“, изјави Ганаме.
Нападите врз селата Јоро и Гангафани 2 доведоа до сериозни безбедносни ситуации во централниот дел на Мали, регион во кој етничките милиции и милитантните групи редовно убиваат цивили на ривалските заедници.
Насилството што се случува последните месеци е поврзано со судирите со Фуланите, номадско племе кое се занимава со сточарство и трговија, и со Догоните, кои се познати како ловечко племе.