Hatice Kesgin
20 Ноември 2015•Ажурирај: 20 Ноември 2015
БАМАКО (АА) – Малиските сили на безбедност влегле во хотелот Radisson Blu во Бамако во кој киднаперите од утринава држеа 170 лица како заложници. Според наводите на малиските сили и локалните медиуми досега се ослободени 80 заложници, додека во хотелот останале околу 90. Опсадата на хотелот и понатаму трае, јавува Anadolu agency (AA).
Меѓу ослободените се наоѓаат и петмина од седумчлениот екипаж на турската авиокомпанија Turkish Airlines. Од компанијата Air France објавија дека во хотелот се наоѓаат и 12-мина нивни вработени, но засега не знаат дали некој од нив е меѓу ослободените.
Како што соопштија локалните власти, операцијата на ослободување на преостанатите заложници е организирана со поддршка на припадниците на Мисијата на ОН за стабилизација на состојбата во Мали(MINUSMA).
Безбедносните сили успеаа да ги ослободат заложниците од вториот кат, додека на седмиот кат се држат преостанатите заложници. Од Франција до главниот град на Мали отпатуваа две силни специјални полициснки единици со околу 50 припадници, кои имаат задача да им помогнат на домашните безбедносни сили.
Во судирите со напаѓачите загинаа пет лица, од нив еден полицаец.Повредени се неколку лица.
Како што кажа портпаролот на безбедносните сили, Модибо Наман Траоре за државното радио, во киднапирањето учествуваат најмалку десет киднапери. Во хотелот беа заробени 140 гости и 30 вработени во хотелот. Меѓу гостите има голем број странци.