Davut Çolak
18 Јуни 2019•Ажурирај: 19 Јуни 2019
КОПЕНХАГЕН
Жителите на островот Сомарој, во близана на градот Тромсо во Норвешка, сакаат да бидат првата заедница во светот која нема да ги користи часовниците, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според норвешката телевизија НРК, жителите на островот Сомарој, кој се наоѓа на север од Норвешка, не сакаат да користат часовник, бидејќи кај нив предизвикувал стрес. На островот живеат околу 300 луѓе.
Жителите на островот, на состанокот што го одржале, со консензус донеле одлука да поднесат барање до Парламентот за да се укине употребата на часовници на островот, бидејќи во регионот и ноќта поминува во светлина и затоа жителите на островот немаат потреба да знаат колку е часот.
Кјел Ове Хвединг, иницијаторот на идејата, во изјавата за телевизијата НРК рече: „Луѓето низ светот се погодени од стрес и депресија. Вообичаено, причината за тоа е чувството дека не можеш да постигнеш сѐ во животот, секако дека и времето игра улога во тоа. Ние сакаме да бидеме регион каде што сите ќе живеат без временска рамка и живот во вистинска смисла на зборот.“
Подвлекувајќи дека нивната цел е да им се обезбеди на жителите на островот „флексибилност“ и живот независен од времето, Хвединг рече дека и продавниците на островот можат да работат без да бидат врзани за временската зона.
Хвединг посочи дека и тие што одат на училиште и на работа ќе можат да ги искористат предностите на флексибилноста и дека нема да се ограничат на временските зони.
„Ако сакате да го косите тревникот ноќе, можете да го направите тоа без двоумење“, нагласи Хвединг.
Наведувајќи дека целта им е да имаат флексибилен живот на островот во текот на денот, Хвединг додаде: „Кога ќе дојдете тука, фрлете го часовникот и живејте го својот живот.“
Жителите на островот кои уште отсега го прифатија животот без часовници, своите рачни часовници ги закачуваат на мостот на влезот на островот за да го симболизираат животот без часовници на островот.