Selen Temizer
23 Мај 2022•Ажурирај: 25 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) - Властите на Белгија воведоа задолжителна изолација од 21 ден за лицата кај кои е дијагностицирано заболувањето мајмунски сипаници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Белгија во петокот се потврдени три случаи на мајмунски сипаници, а таа земја стана прва во светот која воведе задолжителна тринеделна изолација на болните од тој вирус.
Иако од лицата со високоризичен контакт не се бара да се самоизолираат, властите на Белгија препорачуваат тие лица да се држат подалеку од лицата со низок имунитет.
Случаите на ретката, но потенцијално смртоносна болест мајмунски сипаници се забележани во изминатите недели во неколку европски земји, но и во Канада и Соединетите Американски Држави.
Мајмунските сипаници се заразна болест која ја предизвикува вирусот сличен на големите сипаници. Болеста била идентификувана во 1958 година во колонии на мајмуни кои се користеле за истражувања. Првиот случај на мајмунски сипаници кај луѓето бил забележан во 1970 година во Демократска Република Конго.