Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
23 Мај 2022•Ажурирај: 26 Мај 2022
АНКАРА (АА) - Наскоро ќе се одржи првиот состанок на заедничките гранични комисии на Азербејџан и Ерменија, изјави денес претседателот на Европскиот совет, шарлс Мишел, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Денес повторно бев домаќин на претседателот Илхам Алиев од Азербејџан и премиерот Никол Пашинјан од Ерменија. Ова беше наша трета дискусија во овој формат. Се фокусиравме на ситуацијата во Јужен Кавказ и развојот на односите на ЕУ со двете земји како и поширокиот регион“, се вели во соопштението на Мишел објавено по нивниот состанок вчера.
Опишувајќи ги дискусиите како искрени и продуктивни, Мишел рече дека официјалните претставници детално се осврнале на „хуманитарните прашања, вклучително и деминирањето и напорите за ослободување на затворениците“, како и за „судбината на исчезнатите лица“.
Според соопштението, донесен е заклучок за граничните прашања, а двете страни се договорија првата средба да се одржи на „меѓудржавната граница во наредните денови“.
„Ова ќе ги реши сите прашања поврзани со демаркацијата на границата и како најдобро да се обезбеди стабилна ситуација“, додаде тој.
Понатаму, Азербејџан и Ерменија, исто така, „се договорија за потребата да се продолжи со деблокирање на транспортните врски“.
„Тие се согласија за принципите што го регулираат транзитот меѓу западен Азербејџан и Нахичеван и меѓу различните делови на Ерменија преку Азербејџан, како и меѓународниот транспорт преку комуникациската инфраструктура на двете земји“, рече тој.
Мишел истакна и дека двете земји се договориле за „принципите на граничната администрација, безбедноста, земјишните такси, но и царините во контекст на меѓународниот транспорт“, и дека вицепремиерите ќе работат на тие прашања во наредните денови.
- „Иден мировен договор“ -
На дискусиите во врска со „идниот мировен договор со кој се уредуваат меѓудржавните односи помеѓу Ерменија и Азербејџан“, тимовите предводени од министрите за надворешни работи на секоја земја наскоро треба да говорат за темата.
„Исто така, им нагласив на двајцата лидери дека е неопходно да се решат правата и безбедноста на етничкото ерменско население во Карабах“, додаде Мишел.
Нагласувајќи ја важноста од „подготовка на населението за долгорочен одржлив мир“, шефот на Европскиот совет ја пренесе подготвеноста на Блокот да ја засили својата поддршка за Азербејџан и Ерменија.
„Се договоривме да останеме во близок контакт и повторно ќе се сретнеме во истиот формат до јули, август“, рече тој.
Односите меѓу двете поранешни советски републики Ерменија и Азербејџан се напнати од 1991 година кога ерменската Војска го окупира Нагорно-Карабах, територија меѓународно призната како дел од Азербејџан, и седум соседни региони.
Новите судири избија во септември 2020 година, а во 44-дневниот конфликт Азербејџан ослободи неколку градови и над 300 населби и села кои беа окупирани од Ерменија речиси 30 години.
Трипартитниот договор беше постигнат со посредство на Русија за да се стави крај на војната во ноември 2020 година.