Riyaz Khaliq Khaliq
23 Мај 2022•Ажурирај: 24 Мај 2022
ТОКИО (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, изјави дека САД воено би интервенирале ако Кина го нападне Тајван, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нашата политика кон Тајван воопшто не се сменила. Остануваме посветени на мирот и стабилноста на Тајванскиот Мореуз за да обезбедиме да не дојде до еднострана промена на статусот кво“, рече Бајден на заедничката прес-конференција со јапонскиот премиер Фумио Кишида во Токио.
Бајден кажа дека Кина предизвикува опасност со различни маневри, вклучувајќи и летови на воени авиони во близина на Тајван.
„Соединетите Американски Држави се посветени на своите обврски, ја поддржуваме политиката на една Кина, но тоа не значи дека Кина има јурисдикција да користи сила и да го преземе Тајван“, истакна Бајден.
Властите на Кина го сметаат Тајван за своја отцепена провинција и не ја исклучуваат употребата на сила за преземање контрола над тој остров со 24 милиони жители.
Од друга страна, властите на Тајван инсистираат на своја независност од 1949 година, со воспоставени независни дипломатски односи со 14 држави.
Бајден рече дека САД, Јапонија и други држави се цврсто определени да не дозволат кинески воен напад на Тајван.
„Очекувам дека тоа нема да се случи“, нагласи Бајден.
Потврдно одговори на прашањето дали САД воено ќе се вклучи во Тајван доколку Кина употреби сила да го преземе тој остров.
„Тоа е обврска која ја преземавме“, додаде Бајден.
На прашањето околу царината на кинеската стока, Бајден рече дека царината не ја вовела неговата, туку претходната американска администрација. Зборувајќи за растечката инфлација, недостигот на храна и отворањето на работни места во САД, Бајден истакна дека неговата администрација го разгледува укинувањето на некои царини на увоз од Кина.
Администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп во 2018 година воведе царини на голем број кинески производи.