свет

„Скандинавијан ерлајнс“ ќе откаже најмалку 1.000 летови во април поради зголемувањето на цените на горивата

Авиокомпанијата веќе започнала со укинување на неколку стотици летови во март, а се очекува поширок бран откажувања по Велигден, кога сезонската побарувачка традиционално опаѓа

Mücahithan Avcıoğlu  | 18.03.2026 - Обновена : 19.03.2026
„Скандинавијан ерлајнс“ ќе откаже најмалку 1.000 летови во април поради зголемувањето на цените на горивата

ИСТАНБУЛ (АА) – Скандинавската авиокомпанија „Скандинавијан ерлајнс“ (САС) најави дека ќе откаже најмалку 1.000 летови во април поради наглиот раст на цените на авионското гориво, поврзан со конфликтот со Иран, што врши силен притисок врз оперативните трошоци, изјави извршниот директор Анко ван дер Верф за шведскиот деловен весник „Дагенс индустри“, пренесува Анадолу.

Авиокомпанијата веќе започнала со укинување на неколку стотици летови во март, а се очекува поширок бран откажувања по Велигден, кога сезонската побарувачка традиционално опаѓа.

Ван дер Верф истакна дека овие мерки треба да се гледаат во контекст на околу 800 летови дневно што ги реализира САС, оценувајќи ги како значајни, но не и драстични.

Според него, остриот раст на цените на нафтата ги зголемил трошоците за просечен лет на САС за нешто повеќе од 500 шведски круни (околу 54 долари), додека трошоците за прекуокеански лет се зголемени за околу 2.700 круни (приближно 290 долари).

Тој нагласи дека цените на авионското гориво се удвоиле за само 10 дена, што предизвикало непосреден шок за авиокомпаниите.

Според најновиот монитор за цените на горивото на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт, глобалната просечна цена на авионското гориво пораснала за 82,8 проценти во изминатиот месец, достигнувајќи 175 долари за барел, што значително ги зголемува трошоците во секторот.

Горивото учествува со околу 25 до 30 проценти од вкупните трошоци на летовите, а САС има ограничен простор да ги апсорбира овие зголемувања, особено имајќи предвид дека голем дел од европското снабдување со авионско гориво доаѓа од производители во Заливот.

Ван дер Верф посочи дека најголем дел од кратењата ќе ги погодат дестинациите со повеќе дневни летови, каде што авиокомпаниите полесно можат да ја намалат фреквенцијата.

Компанијата веќе започна со приспособување на цените на билетите преку воведување доплата за гориво минатата недела, но извршниот директор нагласи дека веќе резервираните билети нема да бидат дополнително поскапени. Сепак, патниците кои допрва ќе резервираат летови за летниот период може да се соочат со повисоки цени доколку кризата продолжи.

Тој изрази надеж дека нарушувањата ќе се намалат до мај или јуни, предупредувајќи дека долготраен конфликт би имал значително пошироки последици за глобалната економија, надвор од авијацискиот сектор.

Ван дер Верф, повикувајќи се на повеќе од две децении искуство во воздухопловната индустрија, истакна дека компаниите треба да се подготват за подолг период на нестабилност, наместо да очекуваат брзо враќање во нормала.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.