Ekipa
14 Октомври 2018•Ажурирај: 14 Октомври 2018
ГАЗА (АА) - Израелски безбедносни претставници се спротивставија на одлуката за стопирање на испораките на гориво кон блокираниот Појас Газа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Израелскиот дневен весник „Хаарец“ (Harec) денес јави дека официјалните лица се спротивставиле на одлуката на министерот за одбрана, Авигдор Либерман, кој во петокот нареди сопирање на испораката на гориво кон палестинските територии поради протестите на границата помеѓу Газа и Израел, во кои загинаа седум Палестинци, а повеќемина беа повредени.
„Хаарец“ истакнува дека безбедносните претставници во врска со одлуката на Либерман велат дека со одлуката за целосно сопирање на испораките на гориво невозможно е да се изврши притисок врз „Хамас“, без да се влоши хуманитарната ситуација во Појасот Газа.
Минатата недела „Хаарец“ објави дека е постигнат договор со Катар со кој Катар ќе ги финансира набавките за гориво за Газа.
Од 2007 година, кога Хамас го презеде Појасот Газа од ривалската палестинска фракција Фатах, крајбрежната енклава е под израелска блокада со која се лишени нејзините два милиона жители од многу основни потреби.
Од месец март над 200 Палестинци загинаа, а илјадници беа повредени во протестите против окупацијата долж границата со Израел.
Демонстрантите бараат крај на израелската 12-годишна блокада на Газа и право на враќање во нивните домови и села во историската Палестина, од кои беа протерани во 1948 година.