Turgut Alp Boyraz
07 Октомври 2016•Ажурирај: 08 Октомври 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) – Израелската армија интервенираше во меѓународните води и го заплени бродот „Зајтоуна“, кој припаѓа на коалицијата на „Флотата за слобода“, при што жените активистки беа депортирани, јавува Anadolu Agency (AA).
Лицето одговорно за односи со медиумите на „Флотата за слобода“ и активистка за човекови права, Елен Хуту Хансон, во изјава за АА вели дека 11 жени-активистки се депортирани од Израел, откако беа приведени во затворот „Гивон“, во средата. Две од овие активистки веќе се пристигнати во своите домови, додека пак останатите сѐ уште се на пат. Две жени новинарки од бродот беа депортирани вчера, пренесува Хансон.
Израелските органи досега не излегоа со соопштение.
Израелската морнарица синоќа интервенираше на бродот „Зајтоуна“, кој на 14 септември тргна од Шпанија кон Израел со цел да ја пробие блокадата на Газа. На бродот пловеа две новинарки и 11 жени активистки. Од израелската армија беше соопштено дека активистките од бродот, кој беше заробен на пристаништето Ашдод, се предадени на распит кај одговорните органи.
Израел го држи под блокада појасот Газа, каде што живеат околу 2 милиони Палестинци, од 2006 година наваму. Оттогаш, израелската морнарица противзаконски интервенира на сите бродови што доаѓаат под слоганот „Слобода за Газа“.