Ekipa
08 Јануари 2017•Ажурирај: 08 Јануари 2017
МЕКСИКО СИТИ (АА) - Протестите на незадоволните граѓани на Мексико поради поскапувањето на цената на горивата за 20 отсто прераснаа во судири со полицијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Првите демонстрации, со блокада на патиштата и бензинските пумпи, избија ширум Мексико кон средината на минатата недела кога владата ги зголеми цените на бензинот за 20,1 отсто и дизелот за 16,5 отсто.
Протестите оттогаш се организирани во 22 од 31 мексиканска покраина, каде што изминатите денови се уништени и ограбени околу 400 бензински пумпи и маркети.
Мексиканските медиуми јавуваат дека во судирите на полицијата и демонстрантите загинале пет лица.
Демонстрациите прераснаа во насилство синоќа на улиците во Долна Калифорнија каде што се повредени седум полицајци кога камион со демонстранти се забил во полицискиот кордон.
Министерството за внатрешни работи на Мексико соопшти дека од минатата недела над 1.500 лица се уапсени поради грабежи и реметење на јавниот ред и мир.
Незадоволните граѓани бараат одлуката за поскапување на горивото да се повлече.