Övünç Kutlu
02 Мај 2017•Ажурирај: 03 Мај 2017
ЊУЈОРК (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, најави зголемување на данокот на гориво заради реализација на вложувањата во инфраструктурата, тоа е првото зголемување на даноците за гориво во САД по 24 години, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Тоа е нешто за што сериозно размислувам, доколку тие пари ги насочиме кон изградба на патишта“, изјави Трамп во интервју за Блумберг (Bloomberg).
Претходно, Трамп го најави планот за инфраструктурни вложувања во износ од еден трилион долари, а од Белата куќа е соопштено дека една петтина од тие средства, односно 200 милијарди долари, ќе ги обезбеди владата, а дека остатокот ќе го финансира приватниот сектор.
САД е најголемиот потрошувач на гориво во светот, и планот на Трамп за зголемување на данокот за бензин и дизел гориво го поддржуваат претставниците на транспортниот сектор, но аналитичарите предупредуваат дека овој план најмногу негативно може да се одрази на граѓаните.
Последното зголемување на данокот на гориво во САД беше воведено во 1993 година, од страна на тогашниот претседател Бил Клинтон со цел да го намали буџетскиот дефицит.
По четири години средствата собрани од зголемениот данок Клинтон ги насочи кон Фондот за изградба и одржување на патишта.