Yusuf Hatip
25 Јуни 2017•Ажурирај: 26 Јуни 2017
ИСЛАМАБАД (АА) - Бројката на загинати во пожарот кој настана по превртување на цистерна со гориво во Пакистан се искачи на 148 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Во официјалното соопштение се вели дека медицинскиот персонал во болницата, и покрај укажаната медицинска помош, не успеал да ги спаси животите на 26 потешко повредени лица од пожарот што настана откако цистерна со гориво се преврте во близина на градот Бахавалпур, со што бројката на загинати се искачи на 148 лица.
По несреќата беа хоспитализирани 51 повредено лице. Болницата претходно излезе со соопштение дека 40 лица се потешко повредени и дека стравуваат од можноста од зголемување на бројот на загинатите.
Се претпоставува дека несреќата се случила откако пукнала гума на цистерната, по што возачот ја загубил контролата врз возилото. Голем број од локалното население дошло да го собира горивото кое протекувало од превртената цистерна. Во еден момент горивото се запалило, и пожарот ги заробил луѓето што се наоѓале во близина.
Според очевидците, пожарот започнал откако едно лице, дојдено да го собира горивото кое протекувало, запалило цигара.
Во пожарот, кој по големите напори на пожарникарите е ставен под контрола, изгореа 6 автомобили и 12 мотоцикли.
Се дознава дека цистерната која пренесувала околу 25.000 литри гориво, се движела од Карачи кон градот Лахор.